Известувачот за Македонија во Европскиот парламент(ЕП) Ричард Ховит денеска на првата презентација на драфт извештајот за напредокот на  земјата се заложи на Македонија под итно да и се додели датум за почеток на преговорите, јавува „Макфакс“.

„Намерно упатив повик за датум за почеток на преговорите за прием без одложување како параграф еден, во првата реченица за да испратиме јасна порака и тука во Брисел, но и во земјата исто така“, рече Ховит.

Коментирајќи ја одлуката да ја употребува придавката „македонски“ при означувањето на јазикот, културата и идентитетот, што Европската комисија(ЕК) престана да го прави, Ховит рече дека не му е намерата некого да провоцира.

„Не сакам никого да провоцирам, туку да се признае дека ова е целосно во согласност со практиката на Обединетите нации(ОН) и на меѓународното право“, рече Ховит, при тоа додавајќи дека на овој начин ќе им се покаже на луѓето во Македонија дека Брисел ги слуша забелешките заради неупотребата на придавката „македонски“.

Тој додаде дека статус кво ситуацијата не е добра за меѓуетничките односи во земјата, за стабилноста на регионот, но и за процесот на проширување на ЕУ.

OhridNews
извор:„Макфакс“