Хотелските капацитети долж охридското крајбрежје се празни во текот на овие последни два месеци. Празни се и Охрид и Струга. Хотелиерите работат со загуби, субвенции нема никакви. Хотелиерите добија субвенции минатата година, имаме пратено барање да се обноват, да се даде некаква помош колку што може за да опстанат хотелите, да не работат со огромни загуби, вели претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажевски.
Голем дел од нив имаат вработени на 70% плата, но и тие 70% ако нема никаков придонес неможе да се исплаќаат за долго. Следно после тие 70% се отпуштање на вработените. Затоа се надеваме дека пандемијава веќе ќе помине, затоа што најмногу се одрази на секторот туризам. Во моментов има барања за субвенции, но мислам дека нема средства, барем да се покријат платите на вработените, за да не се отпуштаат вработените. Мора да се направат напори за добивање на помош, вели Блажевски.
Додава дека сега е период кога странските туристи се заминати, а празници во скоро време нема за да може да има барем дел од гостите од дијаспората.
Во најблиско време се очекуваат туристи пред Нова година од 15 декември до 15 јануари, каде се очекува да има и дел од гостите од дијаспората. Од околните земји немаме исто така некоја атракција и со оглед дека уште ја имаме пандемијата секаде, високите бројки на Балканот и за овој период, придонесуваат да нема многу движење меѓу туристите во овие држави, вели Блажевски.
Странците ги немавме во посакуваниот број, повеќе беа домашни гости. Нормално е дека и тие се пожелни да ги имаме како гости, но не ги имаме во хотелите со четири и пет ѕвезди, бидејќи тие не ја имаат истата куповна моќ како странските. Домашните гости ги имаме во период од 10 јули до 20 август. Останатиот период зависиме од странски гости и тоа може да го потврдиме со девизните приливи ако ги имаме или немаме, додава Блажевски.
Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, вели дека Охрид треба да биде дестинација за 12 месеци туризам.
Тоа треба да биде сплет на повеќе сегменти во туризмот, можности и атракции за алтернативните форми на туризмот. Охрид е една многу добра практика кадешто можеме и да се скијаме и да уживаме во спа центрите, но за тоа треба да имаме што повеќе хотели со четири, пет ѕвездици и да ги зголемиме стандардите коишто во западните земји се реалност. Да, треба да развиваме селективни форми на туризам, колку ќе вложиме толку и ќе добиеме, па на таков начин ќе дознаеме дали имаме можност да развиваме елитен туризам во Охрид. Кога зборуваме за масовниот туризам овие последните две години видовме што значи масовен туризам. Голем пик и неможност да се сервисира дестинацијата во 2020 од домашни туристи, а веќе во 2021 како комбинација на домашни и странски туристи, изјави Јаневски.
Н.С.Ј.