Една неофицијална анкета на извршни директори на 417 европски хотели, спроведена од меѓународната правна организација ДЛА Пипер, беше официјално претставена на Меѓународниот хотелиерски инвестициски форум во Берлин.
Само 2 отсто од испитаниците очекуваат одржлив раст на хотелиерския бизнис оваа година. Овој процент бележи сериозен пад во споредба со минатогодишното истражување на ДЛА Пипер, кога 37 проценти од менаџерите предвидуваа дека 2010 година ќе биде година на реконструкцијата.
Резултатите од анкетата се засилени и од стравот на околу 55 проценти од хотелиерите, дека цените на резервациите нема да се вратат до 2012 година, на нивоата од пред финансиската криза. Скоро половина од познатите хотелски синџири ги намалија цените на ноќевање во 2009 година.
Иако негативна, кризата сепак е и можност. Низа извршни директори на хотели со добар капитал имаат позитивно мислење за сегашната состојба на пазарот. Тоа се скоро една третина од оние 27 отсто кои се оптимисти за развојот на пазарот во следните 12 месеци. Тие како главна причина ги посочуваат инвестициските можности создадени како резултат на кризата.
Европскиот извештај на ДЛА Пипер за Хотелиерската индустрија за 2010 покажува и различни очекувања за новите градежни проекти. Според 36 отсто од испитаниците, бројот на новите хотели ќе се зголеми, а 32 проценти очекуваат пад.
Осумдесет отсто сметаат дека големите синџири ќе го насочат вниманието кон помали структури, а околу две третини од анкетираните предвидуваат зголемување на уделот на пазарот на големите синџири.
“Најголемите синџири ќе го продолжат учеството на пазарот со користење на можности за претворање на малите независни хотели во дел од нивните синџири.”, изјави Карен Фријби, глобален копретседател на практиката на ДЛА Пипер во областа на хотелиерството и туристичката индустрија, коментирајќи ги резултатите од анкетата.
извор: „Макфакс“