Хотелиерите од охридско – струшкиот регион се надеваат на успешна туристичка сезона во 2021 година. Со строги протоколи, подготвени се да ги примаат гостите, како домашните така и странските.
За приоритет кај странските гости и претставување на државата како безбедна туристичка дестинација тие побараа приоритет во вакцинирањето против Ковид 19.
Со вакцинацијата очекуваме да се подобри побарувачката од нашите партнери. Во состојба на пандемија и нашите партнери не се сигурни како ќе оди продажбата и интересот во регионот. Се чекаат препораките, и резултатите очекуваме дека ќе дојдат. Сепак не треба да се откажеме од домашниот туризам, вели Љупчо Цветаноски, сопственик на хотели, пренесува националната агенција Миа.
Тој посочи дека работат под посебни здравствени протоколи, кои се многу важни за гостите.
Првите впечатоци кај гостите е при приемот. Уште од влезот прашуваат дали ги почитуваме препораките. Ние ги почитуваме препораките од Владата и од Министерството за здравство, додаде Цветаноски.
Со спроведување на вакцинацијата и хотелиерот Стојан Брчески, смета дека ќе имаме приоритет кај гостите од соседството, како и кај традиционалните гости од Полска, Холандија…, кои својот одмор ќе го поминат на охридско-струшкото крајбрежје
Очекуваме и сезонава да имаме гости како и минатата. Мораме да сме оптимисти. Без вакцина против коронавируост, би биле запоставени од соседните држави, каде веќе имаат извршено дел од вакцинацијата. Државата сигурно има протокол во приоритетната листа покрај здравствените работници, војската и полицијата, би требало и хотелските работници да влезат во приоритетната листа за вакцинација, истакна Брчески.
По, како што велат, тешката зима за холетиерскиот сектор, тие се надеваат на успешна пролетна сезона и надоместување на загубите. -Со промената на температурите во летниот период се надеваат дека резултатите ќе дојдат на своето место и ќе го постигнат предвиденото.
Охридско – струшкиот регион со своите природни убавини, езерото планините, културни и верски знаменитости е привлечна туристичка дестинација во текот на целата година, како за домашните, така и за странските гости.
OhridNews