Голем број хотели во државата ќе бидат принудени времено да ги затворат своите објекти, а вработените да ги пријават како невработени ако не се направат измени во Законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од корона кризата во делот на платите за октомври, ноември и декември 2020.
Како што соопшти Здружението на угостителството и туризмот од Стопанската комора на Македонија, повеќето компании од овој сектор, но пред сѐ хотелите, нема да бидат во можност да ја искористат поддршката. Освен тоа сметаат и дека како што е сега дефинирана во четвртиот пакет мерки, само делумно ќе ги ублажи негативните ефекти и последици од КОВИД-кризата.
Голем број од компаниите од угостителско туристичкиот сектор, пред сѐ хотелските објекти, се соочуваат со проблем околу користење на мерката – Финансиска поддршка на работодавачите за исплата на плати (октомври, ноември и декември), која воедно е и прва мерка од четвртиот пакет економски мерки која започна да се реализира. Проблемот е во условите кои се утврдени во Закон за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од КОВИД-19, заради исплата на платите за октомври, ноември и декември 2020. За таа цел, Здружението на угостителството и туризам при Стопанската комора на Македонија, бара измена на Законот со бришење на алинеја 2 и алинеја 3 од член 3, став 3, од Законот, соопшти Здружението на угостителството и туризам.
Поради корона ситуацијата, додава Здружението, голем број работници од секторот угостителство и туризам доброволно заминуваат од работа и бараат вработување во друг сектор, а во дел од хотелите бројот на вработени е намален поради сезонскиот карактер.
Меѓу останатите проблеми предизвикани од здравствено-економската криза, компаниите се соочуваат и со реален проблем да ги задржат вработените. Дополнителен проблем е ограничувањата за исплата по основ на награда за деловна успешност, друг вид на годишна награда на вработените или дивиденда што е резултат на успешна работа од претходен период и е значајно да биде реализирано како обврска кон вработените со цел задржување на работните позиции во услови на голема мобилност на вработените во овој сектор. Доколку овие два услова не бидат изземени, укажуваме дека голем број хотели во државата ќе бидат принудени времено да ги затворат своите објекти, а вработените да ги пријават како невработени во Агенцијата за вработување, наведува Здружението на угостителството и туризам.
Барањето е доставено до надлежните државни институции со очекување дека ќе биде разгледано и ќе се излезе во пресрет на деловните субјекти од секторот туризам и угостителство.
OhridNews
фото: илустрација