Изминатата туристичка сезона не може да се каже дека беше полоша од изминатата, велат експертите по туризам. Она што со сигурност може да се утврди е фактот дека треба да се поработи во одредени сегменти со цел да се внесат подобрувања во работењето на туристичките работници.

Поголемиот број туристички агенции и понатаму се инертни и работаат нестручно, недоволно ги искористуваатт своите капацитети. Во иднина треба да се поработи на нивната стручност и професионалност и само преку тоа ќе се избегнат негативните појави како што се и нерегистрираните станоиздавачи кои за рака ги влечат гостите штом пристигнат на автобуската станица. Сместувањето на гостите мора да се врши на едно повисоко ниво, односно преку туристичките агенции, велат стручните лица.

Според нив, туристичките агенции не се наметнаа со својата стручност, не ангажираа сместувачки капацитети на соодветен начин, немаат список на станоиздавачи, што претставува нивна аномалија. Повеќе се залагаат да однесат што поголем број охриѓани во странските земји од колку тоа да донесат гости во Охрид, велат експертите по туризам.

Хотелиерите исто треба да се запрашаат зошто туристите се повеќе ги избегнуваат за престој. Приватното сместување во текот на последните години стана сериозна конкуренција.

Хотелиерите треба да се свесни дека времињата се менуваат и за разлика од порано- кога гостите се сместуваа во подруми, сега тоа се луксузни апартмани за кои гостите се почесто се одлучуваат. Хотелите треба да внесат што повеќе анимации и содржини, во спротивно нивното работење ќе продолжи да оди по надолна линија, сметаат стручните лица.

OhridNews