Единаесет години на сила се законски одредби со кои е забрането да се се издаваат станови на туристи во колективни станбени згради, реагираат хотелиерите, откако дел од охридските станоиздавачи се пожалија дека на иницијатива на ХОТАМ од минатата година се направени измени во Законот за угостителска дејност, поради што на станоиздавачите на кои им се истечени решенијата за категоризација општината повеќе не може да им издава нови или да им ги продолжи постоечките, а што беше потврдено и од Секторот за туризам и локален економски развој.
„Во член 46 минатата година не се направија никакви измени како што изјавија станоиздавачите и ТЛЕР. Ограничувањето за број на соби и легла е дадено во законот уште од 2004 година и е дополнето во 2008 со тоа дека не смее да се издаде повеќе од едно одобрение под еден заеднички покрив. Само што надлежните одлучиле во изминатите години да го игнорираат законот и да издаваат одобренија свесно кршејќи го законот.“ – велат хотелиери.
Како што веќе информиравме, охридските станоиздавачи во колективни станбени згради се заканија дека ќе бидат приморани нелегално да издаваат легла на туристи, бидејќи надлежните институции не им ги продолжуваат истечените решенијата за категоризација. Тие посочуваат дека нивните капацитети биле закупени од напред и доколку ги откажат направените резервации, ќе ја загрозат сопствената егзистенција, а тоа негативно ќе се одрази и на туризмот.
-Во екот на сезоната не можеме да ги откажуваме резервациите. Не трпиме само ние штета, тие што доаѓаат одат во кафиќи, ресторани, трпи целиот сектор, односно целиот град. – изјави Сузана Лазаревска – станоиздавач.
Станоиздавачите деновиве на нивна иницијатива се сретнаа со претставници на Секторот за туризам и локален економски равој, од каде истакнаа дека согласно измените во законот општината не смее да издава нови решенија за станоиздавачи во колективни станбени згради. Оттаму сметаат дека со забраната ќе се постигне спротивен ефект, односно граѓаните кои легално ги издаваат становите ќе бидат принудени да работаат на црно затоа што на многу од нив издавањето станови на туристи им е единствен приход. Поднесена била иницијатива до Министерството за економија за промена на спорните одредби од законот, но додека официјално не биде добиена согласност, општината нема да издава решенија за категоризација, а станоиздавачите не ќе можат да работат легално.
-Револтот кај луѓето расте, шпиц на сезона е, дел од нив не можат да ги продолжат своите решенија, а ние сме должни да го почитуваме законот, доколку издадеме решенија кои се вон овој закон тогаш ние ќе го кршиме законот за вршење на туристичка дејност.-изјави Ѓоко Апостолов од Секторот за туризам и локален економски равој.
Во општина Охрид регистрирани се вкупно 420 станоиздавачи во колективни станбени згради. На десетици им се истечени решенијата за категоризација, поради што тие законски не смеат да вршат дејност.
Г.М.