Трите хотели на охридската компанија „Метропол“ во првите три месеци од 2012 година претрпеле загуба од над 290.000 евра или точно 17.882.598 денари. Во неревидираниот биланс на успех кој беше објaвен деновиве може да се види дека ова хотелиерско друштво остварила 30 отсто помалку приходи во споредба со истиот период лани.

Хотелите „Белви“, „Метропол“ и „Турист“ со вкупен капацитет од 368 соби, во првото годишно тромесечје оствариле приход од над 120.000 евра или околу 7,6 милиони денари. Во истиот период имале расходи од над 25 милиони денари од кои најголема ставка имаат потрошениот материјал и платите за вработените, кои заедно изнесуваат над 18 милиони денари.


Од компанијата  ,,Метропол” велат дека овој период е најкритичен за секоја тековна година, што не било исклучок и годинава.

-Во изминатите три месеци од тековната година  условите на  стопанисување беа  многу неповолни   како резултат на глобалната економска криза во земјава и странство, а воедно и од неповолните временски  услови, кои доведоа до зачестено откажување   на резервираните капацитети. Со оглед на наведените негативни фактори  нашите услови за  работа  беа тешки и  неповолни, стои во писменото образложение за работењето на хотели ,,Метропол’’ АД Охрид, со кое се ажурираат податоците објавени во тримесечниот  извештај.

Од управата на хотелите  очекуваат  дека состојбата ќе биде доста подобрена во наредниов период.

-Како резултат на   склучените    договори    со   странски   агенции за гости од   Финска, Холандија Белгија и други странски земји, се надеваме на постигнување  позитивен финансиски резултат во текот на нареднито период, стои меѓудругото во образложението.

Хотелскиот  комплекс ,,Метропол” e сместен на падините на планината Галичица, на источниот брег на Охридското Езеро. Се протега на  34.329 м2 земјиште, од кои 7.360 м2 зафаќаат хотелите, а 26.969 м2 се во склоп на дворот и парковите.

OhridNews