Според неревидираниот финансиски извештај во третиот квартал годинава компанијата хотели „Метропол“ има пад на приходите за 17 отсто споредено со истиот период лани, пренесува агенцијата „Макфакс“.

Хотелите „Белви“, „Турист“  и „Метропол“, лоцирани во Охрид, кои ја сочинуваат компанијата „Метропол“ за првите девет месеци, оствариле пониски приходи за 17 отсто, споредено со истиот период во 2009 година.  
          
Од компанијата објаснуваат дека лошиот финансиски резултат е последица на откажаните летувања од странство и заради тоа добивката на хотелите во шпиц сезоната е пониска за 17 отсто, односно за повеќе од 10 милиони денари.
            
За периодот јули-септември компанијата остварила добивка од 20 милиони денари, но заради големите трошоци на работење во претходните два квартали хотелот на крајот од првите девет месеци годинава има добивка од само 1,75 милиони денари.
            
Најголем акционер на хотели „Метропол“ е „Фершпед“ кој поседува 70 отсто од акциите со право на глас.

OhridNews
извор: „Макфакс“