Хеликоптери денеска го надлетуваат небото над Охрид. Специјални армиски единици се разместуваат на копно, а воени бродови непосредно до брегот пред хотел „Гранит“. АРМ е на „готовс“. Овие и редица други безбедносни мерки армијата ги презеде во рамки на организацијата на деветнаесеттата Конференција на началниците на генералштабови на армиите од земјите членки на САД-Јадранската повелба, која започнува утре во во х. „Гранит“ во Охрид.
Пристапот кон хотелот го контролира воена полиција која внимателно со детектори ги проверува сите возила. Атмосферата во внатрешноста е вообичаена, а туристите кои аранжмански престојуваат во „Гранит“ нормално ги користат хотелските услуги и уживаат во прекрасното време.
Строга контрола има и во хотелските соби каде ќе бидат сместени високите армиски офицери. Хотелските простории покрај со детектори се проверуваат и со дресирани кучиња трагачи.
На конференцијата која се смета за најзначаен настан од областа на одбраната на Балканот оваа година, учество ќе земат началниците на сите Генерал штабови од регионот и САД, како и командантите на националните гарди партнери на јадранската група. Речиси сите имале посебни барања.
-За организација на конференцијата преземени се највисоки мерки на безбедност на вода и копно. Ангажирани се и медицински екипи и се она што следува за обезбедување на личности од највисок ранг.– изјави Мирче Ѓоргоски, портпарол на ГШ на АРМ.
Мирче Ѓоргоски
За учесниците на конференцијата подготвени се пригодни подароци, а хотелскиот персонал максимално е ангажиран да одговори на сите барања. Посебен акцент ќе биде ставен на храната.
-Ќе има нацинална како и на интернационална храна. Имаше и други барања од учесниците кои во соработка до ГШ на АРМ ги решивме и се надевам дека конференцијата ќе протече во најдобар ред.– рече Перо Кутаноски, генерален менаџер на х.„Гранит“.
Договорот за формирање на САД-Јадранската повелба, официјално е потпишан во 2003 година, со кој покрај САД како покровител, Македонија, Албанија и Хрватска се обврзаа низ институционална рамка да ја развиваат регионалната соработка во областа на одбраната. Во 2008 година, на оваа иницијатива се приклучија Босна и Херцеговина и Црна Гора, а средбите во формат на началници на генералштабови на армиите се одржуваат еднаш годишно, на кои се разгледуваат прашања за воената соработка и актуелни теми од областа на одбраната и безбедноста.
Конференцијата ќе ја отвори Претседателот и Врховен командант Ѓорге Иванов.
Главна тема на деветнаесеттата Конференција на началниците на генералштабови на армиите од земјите членки на САД-Јадранската повелб ќе биде ,,Здружени напори во постигнување на НАТО партнерските цели и способности на силите“.
Г. Момироски