Со најавата дека Шенген визите за Македонија, Србија и Црна Гора ќе се укинат, барањата за резервации за новогодишните празници од овие земји беа намалени во споредба со минатата година, а со донесувањето на конечната одлука дека се укинуваат визите и воопшто веќе нема барања, вели Дончо Танески – претседател на Хотелската асоцијација на Македонија – ХОТАМ.

Тој посочува дека дури дел од потврдените резервации почнле да се откажуваат и дека постои опасност присуството на српските гости кои во изминативе години беа најбројни на македонскиот пазар, на дочекот на Нова година и целата наредна година да биде намалено и за 30-40 проценти.


Танески укажува дека е многу веројатно да се намали и бројот на домашните гости затоа што по одлуката за укинување на визите дел од авиокомпаниите кои летаат до Скопје најавиле евтини летови до одредени европски дестинации со примамливи цени од 29 до 99 евра за повратен билет. Згора на тоа, нискобуџетните авиокомпании почнаа да слетуваат во Белград и да летаат кон европските дестинации по цена од 19 до 29 евра за повратна карта, вели Танески.

Според него на состојбите во туризмот влијае и даночната политика во Македонија која единствено од земјите во регионот не го намали ДДВ-то на услугата во хотелските објекти. „Во 2010 година вкупно 22 земји од Европската Унија ќе имаат намалено ДДВ на ноќевањето и храната во хотелските капацитети и рестораните“ – посочува Танески.

Претседателот на ХОТАМ предупредува дека  најавеното зголемување на струјата за 15% ќе значи автоматско зголемување на режиските трошоци кои и без тоа се многу високи. Танески ја критикува и програмата за активности на Агенцијата за промоција и поддршка на развојот на туризмот во РМ, која според него е лоша, и предвидува минимални средства. Програмата не е направена во соработка со локалните самоуправи и стопанството и во истата не се земени во предвид случувањата на туристичкиот пазар, смета Танески. Според него негативно на туризмот ќе влија е и ригорозниот закон за заштита од пушење кој стапува на сила на први јануари.

Првиот човек на ХОТАМ песимизмот го темели и на односот на државата која според него не презела мерки за ублажување на кризата која го зафати туризмот.

– Државата сеуште ја нема признаено продажбата на туристичките пакети како извоз, и тие автоматски немаат ослободување од ДДВ, а нема позитивно одговорено и  на нашето барање за намалување на ДДВ-то. Не сме директно  поврзани со Европа со конкурентни цени, најавата за воспопставување врска со Украина не се реалзира, а за наредната година освен чартер летовите од Израел нема ниту една друга најава, вели Танески.

Според него ништо не е направено и за подобрување на лошата патна инфраструктура, и во врска со усогласувањето на образовните програми во средните стручни училишта со потребите на стопанството и продуцирањето на неквалитетен стручен кадар. Проблем е и немањето долгорочни кредитни линии со пониски каматни стапки, што го забавува подобрувањето на понудата на хотелско-угостителските капацитети, смета Танески. Исто така, додава Танески,  не се регулирани и авторските права и односот со ЗАМП, што дополнително ги усложнува состојбите на пазарот.

– Сето ова го потврдува нашето мислење дека во текот на идната година доколку не се преземат конкретни мерки и доколку маркетиншки не се настапи многу поагресивно, претстојат многу тешки денови за македонскиот туризам, завршува Танески.

Ohridnews