Претседателот на ХОТАМ Крсте Блажески, смета дека на Охрид му е потребен поголем број сместувачки капацитети, регистрирани бродови и нови содржини со цел градот да има поатрактивна понуда за туристите. Смета дека бројката од 4.000 смесувачки капацитети на охридското крајбрежје треба да порасне на 10.000.

– Потегот од Свети Наум до Радожда е многу малку изграден. Мора да се направат детални планови и да се знае на која парцела што може да се изгради. На струшко крајбрежје имаме многу неискористен простор. Околу 70 проценти од брегот не е воопшто опфатен. Не зборуваме дали е нешто изградено, туку без никакви планови дури и на изградените места кои се останати од Југославија, деталните планови не се изработени, вели за МИА Блажески.

Првиот човек на ХОТАМ смета дека под итно мора да се изработат детални планови за крајбрежјето, од Радожда до Свети Наум, каде ќе може да инвестираат домашни, но и странски инвеститори.

– Само тогаш ќе имаме едно добро изградено крајбрежје, каде ќе има ресторански и хотелски услуги, трговски центри… и се што треба да биде во опфат на еден модерен туризам, истакна Блажески.

Тој оцени дека транспортот низ Охридското Езеро е на многу ниско ниво и оти нема доволно бродови и пристаништа за поголемо движење на туристите.

OhridNews

извор МИА