Хотелската асоцијација на Македонија уште еднаш побара од Владата намалување на данокот на додадена вредност – ДДВ, за да се ублажат последиците од светската економска криза која според сите предвидувања ќе го зафати и туризмот.

Поради кризата се проценува дека приходите во туризмот оваа година ќе паднат за 4 проценти, а се очекува и намалување на бројот на странски туристи кои ќе ја посетат земјава.

Доколку се остварат ваквите песимистички прогнози, околу 5 отсто од вработените во туризмот во Македонија ќе ги загубат своите работни места. За да не се случи тоа Хотелската асоцијација предлага намалување на ДДВ за угостителските објекти кои служат храна од 18 на 5%, а исто такво намалување се бара и за приходите остварени од ноќевањата. Хотелиерите бараат и нивно ослободување од плаќање данок за склучени аранжмани кои се однесуваат на странски гости.

Хотелиерите како пример ја посочуваат вчерашната одлука на министрите за финансии на земјите на Европската унија да им дадат можност на членките да ја намалат стапката на ДДВ за храната и пијалaците во рестораните. Ваквата препорака ЕУ ја донесе за  ублажување на последиците од економската криза, а од ХОТАМ се надеваат дека Македонија ќе го следи примерот на Европската унија.

Ohridnews