Од 22 до 25 Август во Охрид ќе се одржи “Охридскиот Хорски фестивал“. Над седумдесет хорови од 18 земји на Европа, Азија и Африка, со околу 2000  хористи ќе учествуваат на меѓународниот хорски фестивал со што Охрид ќе се претвори во светски центар на аматерското хорско пење.

Фестивалот ќе се одвива во три категории:
-Категорија А- детски хорови  2/3 од учесниците да не се постари од 15 години)
-Категорија Б- младински хорови (2/3 од учесниците да не се постари од 25 години)
-Категорија Ц- хорови од возрасни (2/3 од учесниците да се постари од 25 години)

Охридскиот хорски фестивал ќе има официјален и неофицијален дел,а сите хорови се обврзани да настапат во двата дела на фестивалот.

Во официјалниот дел хоровите треба да исполнат околу 15 минути, но не повеќе од 20 минути слободна програма.Во неофицијалниот дел хоровите треба да исполнат околу 20 минутна програма на локација која ќе биде одредена од организаторот на отворен простор пред случајна публика.

Организатор на овој фестивал во Охрид е Општината односно Хорот на охридската гимназија „Свети Климент Охридски“ кој го раководи професор Александар ДИМОВСКИ.

Хорот при охридската Гимназија како победник на минатогодишниот хорски фестивал што се одржа во холандија се стекна со правото да биде домаќин на оваа уникатна и атрактивна музичка манифестација.

M.П.