Хорски ансамбли од Литванија, Романија, Србија, Унгарија, Полска, Германија, Естонја, Украина, Турција, Босна и Херцеговина, Хрватска, Бугарија и Латвија ќе бидат дел од седмиот „Охридски хорски фестивал“, кој ќе се одржува во Охрид од 21-ви до 25-ти август 2014 година.
-Оваа година ќе учествуваат 34 хорови кои ќе настапат на 13 концерти. Фестивалот ќе се одвива во 5 делови. Настапи на отворено во состав на отворањето на фестивалот, Ревии на духовна, фолклорна и поп музика и натпреварувачки концерти. Концертите ќе се одржат на две локации во црквата „Св. Софија“ и „Дијаманската сала“ на хотелот „Инекс Горица“, појаснува Александар Димоски, претседател на хорскиот фестивал.
За оценување на хорскиот натпревар е ангажирано петчлено експретско жири во состав: Дарина Чакарова, Јасенка Остојиќ, Запро Запров, Марчин Томчак и Себастјан Врховник.
-Членовите на жирито ќе оценуваат различни аспекти на хорска интерпретација и ќе дадат конечна оценка за хорот изразена со поени на скала од 1 до 100. Тие ќе одлучуваат самостојно, а трите средни оценки ќе се упросечуваат и така ќе се формира крајната оценка на хорот. Хоровите со најдобри оценки ќе се натпреваруваат на завршниот концерт за Гран-при – најдобар хор на фестивалот, појаснува Димоски.
Тој потенцираше дека влезот за сите концерти е бесплатен и ги покани сите љубители на хорското пеење да ги последат хорските настапи.
Во состав на фестивалот ќе се одржи и кратка конференција на која диригентите и жирито ќе разменат мислења за проблемите на хорската интерпретација и диригирање.
Охридскиот хорски фестивал се одржува под покровителство на општина Охрид, Министерството за култура, Министерството за надворешни работи и фирми од приватниот сектор. На фестивалот до сега имаат учествувано околу 300 хорови од сите Европски земји, а фестивалот го ужива реномето на најголем најзначаен хорски настан во овој ден од Европа.
Е.М