По осми пат, во организација на Охридскиот хор, од 27- ми до 31- ви август ќе се одржи Охридскиот хорски фестивал, на кој ќе учествуваат 22 хорови од 11 европски земји.
Фестивалот има ревијален дел и натпреварувачки дел кој опфаќа неколку категории. Пријавените хорови ќе се претстават на натпреварувачките концерти, концертите на духовна музика, поп и фолк концертите. Жири комисијата ја сочинуваат реномирани лица од музичкиот свет и тоа: Магдалена Липска (Полска), Аљоша Новаковиќ (Босна и Херцеговина), Запро Запров (Македонија), Дора Халас (Унгарија) и Дарина Чакарова (Бугарија).
Концертите од фестивалот ќе се одржуваат во Дијамантската сала на хотел Инекс Горица и црквата Св. Кирил и Методиј (католичка црква), а во состав на отворањето хоровите ќе изведат кратка програма на отворено.
На отворањето ќе настапи бугарската вокална атракција Војсленд (Voiceland), кои се финалисти на Охридскиот хорски фестивал 2012, а минатата година се пласираа во полуфиналето на бугарското издание на шоуто „Јас имам талент“.
Влезот е слободен, а за посетителите кои ќе го најават своето присуство подготвени се пригодни изненадувања.
OhridNews