Во рамки на фестивалот Охридксо лето, во 19 часот и 30 минути во Центарот за култура ќе биде отворена изложбата на Катерина Апостолска.

Во 21 часот во црквата Св. Софија е настапот на хорот „Св. Злата Мегленска“ под диригентската палка на Летка Димоска-Полизова.

Женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“ е формиран во 1996 год.при Македонската Православна Црква со благослов на митрополитот полошко-кумановски г.Кирил и е прв од ваков вид во Република Македонија. Хорот е составен  од 25 женски вокали, од кои повеќето се млади академски образовани музичари и студенти на Факултетот за музичка уметност во Скопје.


Иако волонтери, тие со својот  професионален однос придонесуваат за афирмација на македонската културна традиција, Македонската Православна Црква, како и популаризација на хорското црковно пеење на автентичен начин. Со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, Министерството за надворешни работи преку македонските амбасади, црковни општини и македонски здруженија во дијаспората,  како и  со помош на други помагатели кои го разбираат значењето на музичката култура во светот, хорот “Св. Злата Мегленска” оствари извонредно меѓународно претставување и афирмирање на македонската црковна музика во: Велика Британија, Белгија, Германија, Франција, Италија, Грција, Словенија, Словачка, Србија, Хрватска, Полска, Португалија, Црна Гора, Швајцарија, Шведска, Бугарија, Австралија, Шпанија, САД и др.

Летка Димовска-Полизова е основач, диригент и уметнички раководител на хорот. Како диригент се афирмира со ангажирање во повеќе хорови во Македонија кои сама ги формира и успешно ги води. Добитник е на многу награди од меѓународно значење. Со формирањето на детскиот хор при МРТВ, потоа „Златно Славејче“, Младинскиот мешан хор „Кочо Рацин“, Камерниот хор при Соборниот Храм „Св. Климент Охридски“, детскиот архиепископски хор „Херувими“ и во последно време женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“,  се здоби со епитетот: најуспешна жена – диригент во Македонија.

Ohridnews