Вечерва на сцената во црквата „Св. Софија“ со почеток од 21:00 часот ќе настапи македонскиот хор „Про арс“, под диригентската палка на Сашо Татарчевски.

Професионалниот мешан хор „Про Арс“ е формиран во 2011 година од страна на Татарчевски. Уште од почетокот, истиот презентира висок квалитет на изведбите, мобилност и можност за изведба на широк репертоар со различна жанровска определба.

Во својот репертоар, овој хор посебен акцент и посветеност дава на веќе постоечкото македонско хорско творештво, но и на поттикнување на авторите за пишување нова хорска музика. Не ограничувајќи се жанровски, хорот во изминатите три години оствари соработка и со организации и музичари од сферата на популарната музика. Членовите на професионалниот хор „Про Арс“ се млади, мотивирани, музички и вокално образовани хорски уметници, целосно подготвени за ефективна и професионална работа.

Инаку, Татарчевски во моментов работи како вонреден професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје каде што постигнува големи успеси со хорот „Драган Шуплевски“ на ФМУ, а истовремено е и раководител и диригент на професионалниот хор „Про Арс“ на Женскиот младински хор при МКЦ.

Дипломирал и магистрирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Има настапувано со голем број ансамбли на повеќе манифестации во Македонија, но и надвор од неа – Португалија, Словенија, Шкотска, Швајцарија, Шпанија, Србија, Франција, Русија.

OhridNews