Неколку стотини луѓе протестираат против законот за хонорарци, денеска во Скопје. Протестот го организираше Платформата за граѓанска политика „Ајде!”. Според нив законот е неуставен и со него се прекршуваат неколку уставни права и принципи, а истовремено се врши грабеж врз голем број на граѓани.

Учесниците на протестот носат жолти налепници со пораката – „Не за неуставните закони за хонорарците.“ На транспарентите може да се забележат пораки како „Даночниот рај се претвори во пекол“, „Со Грујо сме партнери, делиме 60-40“, „Ми се крева косата од законот.“

Учесниците во протестот извикуваат „Не ви плаќаме“, „Нема правда, нема мир“, „Социјална правда“.

Хонорарците напладне се собраа пред новата зграда на Министерството за финансии, а од таму се упатија кон Уставниот суд на Република Македонија. Предвидено е да се поднесе претставка до Судот зад која стојат 7.000 граѓани, со која ќе се бара да се утврди неуставноста на пакетот закони со кои се регулира плаќањето придонеси за хонорарците.

Ова е трет протест на незадоволните хонорарци. Тие првпат протестираа на 22 декември, непосредно пред законот да стапи во сила, а вториот протест се одржа на 13 февруари. Законот беше донесен за време на летните одмори минатата година, а стапи во сила во почетокот на годинава. Еден месец по стапувањето во сила, владејачката партија излезе со предлог за измени на законот.

OhridNews

Извор:„Радио Слободна Европа“

Фото: „Фактор“

X