Холандскиот ракометан состав, Крас Волендам утрово со авион ќе допатува во Скопје, а оттука ќе тргнат за Охрид, каде против „гладијаторите“ ќе ги одиграат двата натпревари во рамките од првата квалификациска рунда за пласман во фазата по групи во Купот на ЕХФ.

Ракометарите на Волендам со нетрпение ги очекуваат мечевите со Охрид, кој на својот интернет сајт го најавуваат како мистериозен клуб.

– Имаме лет, а потоа и екстра пат од три саати со автобус. Играме против мистериозна екипа, која не ја познаваме воопшто. Едно знаеме, а тоа јас го напоменав и после ждрепката дека публиката е голем фактор во мечевите. Играчите ќе бидат во фокусот и ќе бидат ѕвезди, бидејќи ракометот е спорт број еден во земјата и на Балканот. – рече капитенот на екипата, Леон ван Схи во изјава за клупската веб страница.

Дел од ракометарите кои ги бранат боите на Волендам се членови на холандската репрезентација, која полека зема замав кон врвот. Женскиот ракомет е во многу голем подем, а истиот рецепт започнува да се употребува и во машкиот национален тим.

Волендам е рибарски град во близина на Амстердам. Градот кој се наоѓа покрај езеро е често посетуван од домашни и странски гости. Волендам наликува на Охрид, бидејќи главните специјалитети се храната од риби, специфичната архитектура и традицијата. На другата страна од езерото се наоѓа градот Едам, од каде потекнува познатиот кашкавал „Едамер“. Од овој крај потекнуваат многу познати музичари од Холандија.

Духот на жителите од Волендам е посебен, затоа што многу се дружат меѓу себе и поддржуваат. Нивниот карактер е специфичен и тешко прифатлив од другите градови во Холандија.

Покрај со елитен ракометарски клуб, Волендам се гордее со својот фудбалски преставник кој перидично се натпреварува во „Еридавајс“ лигата и Втората лига.

Од Холандија за OhridNews, Владо Велјаноски