Холандскиот Кеукенхоф, којшто важи за една од најголемите градини со лалиња во светот, ги отвора вратите за посетителите.

Дом на речиси сите видови лалиња, градината Кеукенхоф пречекува над милион гости годишно, со бројни естетски изложби и настани. Сместена недалеку од градот Лисe, градината секоја година привлекува не само претставници на деловниот свет на градинарството, туку и бројни фотографи и љубители на цвеќиња со разни и различни концепти. Паркот го добил името по замокот Кеукенхоф. Поради краткиот животен век на лалињата, градината останува отворена само од 23 март до 14 мај.

Оваа година, 40 градинари на 32 хектари засадија седум милиони цвеќиња од повеќе од 1.600 видови – главно лалиња.

Во паркот има и пешачка патека долга 15 километри.

По Холанѓаните, градината најмногу ја посетуваат Германци, Британци, Кинези и Американци. Според податоците на управата, 80 отсто од посетителите се странски туристи.

Кеукенхоф е основан 1949 година со замисла да се одржи заедничка изложба на 10 производители на лалиња. Во првата година го посетиле 236.000 луѓе.

Кеукенхоф придава големо значење на културата, па лалињата одгледувани во оваа градина се именувани по уметници како Винсент ван Гог, Рембрант и Андре Кујперс… А, и Бах, Бетовен, Ајнштајн, Кант, Маркс и Гете имаат свои катчиња во градината, којашто е инпирација за многу фотографии.

Повеќе од четири милијарди лалиња се садат годишно во Холандија, а речиси половина од нив се извезуваат. Од нив, 25 отсто се извезуваат во САД, а 60 отсто во европските земји.

OhridNews

фото. ЕПА