Во посета на охридскиот културно-информативен центар „Култура 365“ престојуваше Хенк ван Стиприан, сопственик на антикварница за книги во холандскиот град сжХертохенбош. Тој на Музејот на А. ден Долард кој дејствува во рамките на КИЦ „Култура 365“ му донесе 16 книги од холандскиот писател со што постоечката збирка на Музејот е збогатена со ретки изданија.
Хенк ван Стиприан за прв пат во Охрид престојувал во 2015 година, а оваа е неговата втора посета. Уште при првата средба со Охрид бил воодушевен од културата и природата на Македонија, исто како и од љубезноста на локалното население.
– Посебно ме воодушеви големото почитување во Охрид кон А. ден Долард со чии книги јас како книжар го минав целиот мој работен век. Посебен впечаток ми остави музејската поставка во КИЦ „Култура 365“ и уште при првата посета решив да помогнам во збогатувањето на збирката. Еве, затоа доаѓам пак, сега со куфер полн со книги – изјави гостинот во разговорот со Мишо Јузмески, основачот на КИЦ „Култура 365“.
Во посета на КИЦ „Култура 365“, деновиве, беше и Али Клап од Хаузен, која својот одмор го минува на брегот на Охридското Езеро заедно со својот сопруг. Таа изјави дека при посетата на Музејот видела дека недостига примерок од изданието на романот „Ориент Експрес“, кој го понела на одмор за читање, па потоа решила да му го подари на центарот.
OhridNews