Американскиот заменик-помошник државен секретар Хојт Ли уште еднаш истакна дека Владата треба сериозно да ја сфати ситуацијата и да спроведе целосна истрага за тврдењата за незаконско работење и за наводниот криминал што произлегоа од прислушуваните разговори, објави „Вест“.

„Не знаеме дали тоа што се слуша во разговорите се факти или само разговори за работи што можеби се случиле, а можеби не, но, треба да се истражи. Има доволно информации од овие прислушувани разговори што ја обврзуваат Владата да ги ангажира институциите да отворат истрага. Во секоја демократска земја, вклучувајќи ги САД, многу е важно Владата апсолутно сериозно да ги сфати ваквите тврдења и обвинувања, без разлика како дошле до јавноста, дали од опозицијата, дали преку медиумите, дали од анонимни извори, доколку тие информации имаат кредибилитет и алудираат на можни злоупотреби и незаконски дејства. Ние не велиме дека обвинувањата се сигурно точни, ниту пак сме во позиција да правиме проценка дали тие снимки се веродостојни, но сметаме дека има доволно причини да веруваме дека има информации по кои треба да се отвори истрага и државата сериозно да ги сфати”, рече Хојт.

Тој вели: „Ако Владата ни гарантира дека ги сфаќа сериозно овие тврдења и обвинувања очекуваме дека сериозно и ќе постапи. Ако не направи така, секако тоа ќе биде проблем во поглед на довербата и на кредибилитетот. Сметам дека сите политичари сфаќаат дека без доверба и без кредибилитет е многу тешко да се остварат целите”, потенцираше Хојт.

Тој нагласи дека САД ќе продолжат да соработуваат со Европската Унија за да $ помогне на земјата да се движи напред.

„Нема посебен ЕУ пристап или посебен САД пристап. Работиме заедно, бидејќи имаме иста цел да ја видиме земјата во евроатлантските институции, да видиме владеење на правото, функционална пазарна економија, реформи кои ќе го кренат стандардот на живеење и ќе отворат можности за младите луѓе”, рече Хојт и додаде:

„Во спротивно последиците би биле губење на можноста. Додека другите земји се движат кон ЕУ, Македонија ќе ја пропушти шансата.Да, ќе има шанса по една-две години, но средината е компетитивна, стопанството во Европа е многу конкурентно. Стравувам дека ако продолжи кризата, компаниите нема да доаѓаат да инвестираат во Македонија”, рече тој.

OhridNews

Извор: „Вест“