Недоволна едуцираност на младите, помодарство и ширење на фашистичките организации на нашите простори. Вака одговорија охриѓани на анкетата на “Ohridnews” во која ги прашавме какво е нивното мислење во врска со продавањето на маици со ликот на Хитлер и други предмети со фашистички апликации.
Иако се забранети со закон, сепак ваквите предмети им се нудат и на туристите кои ја посетуваат охридската чаршија како спомен од нивниот престој во градот на писменоста, културата, природните убавини и мирољубивоста.

По налог на градоначалникот Александар Петрески, комуналната инспекција заедно со колегите од Државниот пазарен инспекторат вчера излегоа на терен, но не пронајдоа ниту една маица со ликот на најголемиот нацист на сите времиња, Адолф Хитлер. Раководителот на Општинскиот пазарен инспекторат, Танас Танаскоски рече дека  лично тој досега немал видено да се продаваат такви маици, но сепак, тоа не значи дека не се продаваат воопшто. ” Сакам да потенцирам дека продажбата на фашистичките симболи е забранета со закон и дека нашите акции во овој домен ќе продолжат и во текот на наредните денови”, додаде Танаскоски.

Наспроти инспекторите, извори од Секторот за внатрешни работи од Охрид потврдија дека имало пријави од страна на граѓани  за продажба на фашистички симболи на маици и други предмети, но оттаму не соопштуваат детали во интерес на истрагата.

 
“Ова не е прв ваков случај и не сме изненадени “, изјави заменик претседателот на Еврејската заедница во Република Македонија, Миодраг Тодоровиќ-Козма. За среќа во Македонија никогаш досега немало антисемитизам, така што ова можеме да го  третираме само како недоволна едуцираност на младите што значи фашизмот”, кажа Козма. Како што соопшти тој, во мај годинава имало обид за ширење на националсоцијализмот на нашите простори, но тој бил спречен со акција на  Министерството за внатрешни работи на Република Македонија.

Неодамна и хрватските медиуми соопштија дека кукасти крстови се продаваат и во едно од туристичките места на хрватската ривиера.

А. Ристоска