Иако звучи невозможно, италијанскиот хурург Серџио Канаверо сака да зема глави од лица кои патат од тешки и неизлечиви телесни оштетувања и да ги стави на здрави тела. Покрај тоа, тврди и дека таква операција би можел да изведе веќе за две години. Ваквите трансплантации би чинеле дури 7,5 милиони долари, а замислени се така да даваат нова шанса за нормално движење на лица кои се парализирани или кои патат од тешки невролошки моторички пореметувања. Критичарите тврдат дека ваков потфат е невозможен, но Канаверо вели дека сите потребни техники за вакво нешто веќе постојат и дека треба само да се поврзат.

 

Овој хирург наводно веќе има долга листа на потенцијални пациенти. Новото тело би дошло од донатор кај кој не се бележи никаква мозочна активност. На примателот и донаторот истовремено би им била одвоена главата од остатокот на телото и продолжението на р’бетниот мозок. Тогаш главата на приметалот би се споила со „новото“ тело, а р’бетниот мозок би се поврзал со полиетилен гликол. Мускулите и доводот на крв би се споиле пред пациентот да се стави во кома на четири седмици во кој период би зараснале раните. Додека е во вештачка кома, примателот ќе добива и благи електрошокови со цел р’бетниот мозок да биде активен. Кога пациентот ќе се разбуди, би требало да биде способен да зборува и да има чувства на лицето.