Жителите на Хирошима, ја одбележуваат 70-годишнината од атомскиот напад, што го изврши американското воено воздухопловство врз овој јапонски град на крајот од Втората светска војна. Фрлената бомба врз Хирошима, утрото на 6 август 1945 година, како и врз градот Нагасаки, три денови подоцна, ја изнудија капитулацијата на јапонската армија и обезбедија завршување на Втората светска војна и на Далечниот Исток, три месеци по завршувањето на војувањето во Европа.
Атомската бомба, меѓутоа, само во Хирошима, предизвика смрт на 140 илјади луѓе. Американскиот бомбардер Б-29, именуван како „Енола Геј“, ја фрли атомската бомба врз овој јапонски град, која експлодира на 600 метри над земјата, предизвикувајќи веднаш смрт на најмалку 70 илјади луѓе и целосно уништување на Хирошима. Уште толку луѓе умираа следните денови, недели и месеци по атомскиот напад, како последица на тешките повреди и ранувања, од силната радијација и од контаминираната околина.
На комеморацијата во Хирошима, присуствуваа јапонскиот премиер Шинѕо Абе, како и американскиот амбасадор во Јапонија, Керолин Кенеди. Подоцна сите гости присуствуваа на церемонијата на пуштање на илјадници фенери од хартија, над реката Мотојасу, кои го симболизираат „патувањето во задгробниот живот“ на сите оние кои загинаа во атомскиот напад од пред 70 години.
OhridNews
извор Утрински весник