Слично како и пред една година ќе навлезам во една анализа , нормално онолку колку што познавам, во процесот и планот на донесување на новиот ОСНОВЕН Буџет за 2012 година , буџет кој поради нови политички моменти ќе биде предизвик за Охрид но, со тоа и ќе носи неизвесност . Ако пак ги немаше тие моменти, Буџетото 2012 во својата основната структура сепак ќе биде ништо друго туку пресликување на претходниот и со тоа повторно тотално неинвентивен и празен . Сметам дека Охрид ако ништо друго заслужува малку повеќе од обичен copy-paste на програмите и буџетот, посебно во неговите главни компоненти за развој и инвестиции . Составувачите и предлагачите требаа да имаат барем малку храброст па дури и почит кон градот и да влезат во една развојна и инвестициска компонента која и тоа како му е потребна на Охрид после неколкуте години на самотија. Но , во тоа веројатно ги спречуваат спомнатите (два) политички моменти кои ја намалуваат ионака невидливата визија (визија е претежок збор) на локалната самоуправа во Охрид.
Прво ,недостигот на идеи е нешто на кое сме со години навикнати во Охрид , но тоа сега е дополнително оптоварено со нов политички момент, а тоа е фактот дека ова е последен целосен Буџет кој овој состав на локалната самоуправа ќе го има на располагање . Тоа колку е релаксирачко ,толку е и фрустрирачко за локалната власт. Реално би било секоја политички , идејно и работно мотивирана локална самоуправа последниот целосен Буџет да го искористи за да се покаже некаков резултат пред сограѓаните . Но ,со оглед на фактот дека во Охрид немало никаков реален голем резултат од последните потрошени 5-6 буџети, веќе ни стана нормално и да не очекуваме никакво позитивно поместување. Во таква состојба на тотална демотивација Охрид останува и со овој Буџет без и најмала шанса да се избори за надеж за напредок. Вториот момент кој наместо да ја мотивира најверојатно ја збуни локалната самоуправа е фактот дека Охрид од 1.1.2012 влегува во втората фаза на децентрализација. Ако се набљудува новата фаза низ призма на проектираниот Буџет тогаш попуста ќе биде втората фаза но ,уште подепримирачка е перцепцијата дека се нема капацитети да се влезе интензивно во тој процес .
Одејќи низ структурата на Буџетот за 2012-та овој пат низ расходната негова страна , забележливи се неколку интересни факти. Прво , како политичка и популистичка мерка забележлива е ставката за субвенцијата кон јавните комунални претпријатија од 5 милиони денари. Да се субвенционираат во име на некаква социјална компонента јавни претпријатијата во надлежност на општината кои во 2011-та, а и претходно, и самите продуцираа социјални проблеми, недостиг на плати и со тоа и штрајкови , е навистина врв на хипокризијата за кој не треба ни поширок коментар. За над врв како контра на тоа да се планира зголемување на сите нивоа на најомилената ставка за локалната -патни и дневни расходи. И сега (не занемарувајќи ја економската состојба во државата), простете но, кој,кого,како и што субвенционира !!!!??? Нели би било пологично субвенционирањето во Охрид да се насочи кон реалните потреби во туризмот, угостителството и занаетчиството како гранки од кои Охрид живее и кои му носат приход па и поткрепа на социјалната компонента . Во таа пак насока ,зголемувањата во оваа сфера во програмите за ЛЕР и туризам за 2012-та се сведуваат на износ од 500.000 денари во ставката , сигурно погодувате, да, омилените патни и дневни трошоци.
Настрана таа хипокритична компонента, граѓаните очекуваат конечно некаков развој или барем во најмала рака зголемување на инвестиции во улици, патишта и друга инфраструктура. Но, во Буџетот а 2012-та добиваме сосем спротивна слика ,бројно истакната како намалување од близу 8+3 милиони денари вкупно во тн. комунални ставки . Ако на тоа се додат вкупните мунус 11 милиони денари во областа за водоснабдителни системи станува всушност јасно дека локалната самоуправа во 2012 година не планира да работи, не планира реални инвестиции, што за волја на вистината и не е нешто ново. Дали е тоа заради стравот дека повторно нема да се исполни и онака скратената приходна ставка на основниот Буџет или концепцијата на 2012-тата е само политиката за купување мир во јавните претпријатија кои сами се креатори на проблеми !!??? Како и да е тоа ќе значи ништо друго туку само зголемување на долговите на Општината кои веќе и сега заземаат драматични димензии. И тоа не се оние наследените.
Буџетот содржи во 2012 година една нова компонента проекти за енергетска ефикасност. Навистина, добро е Охрид да се внесе во тие текови иако засега со мал зафат од Буџетот , но Охрид би требало да се отвори на светскиот пазар на средства за оваа намена кој е прилично богат во овој момент и со добри проекти и лобирање може да обезбеди средства од многуте грант програми. Сега, ете, може и да аплицира. Не дека досега не можело. Врзано за тоа е нешто што во 2011-та беше еден од ретките моменти за поздравување а тоа се програмите за јавно осветлување. И тие во 2012 се вклопуваат во неинвентивност затоа што зголемувањето на буџетот во оваа сфера единствено се користи за комунални услуги во оваа сфера што секако не е во функција на реалниот развој.
Уште една скриена форма на субвенција е сокриена во Буџетот и тоа повторно кон едно јавното претпријатие, покриена преку ставката јавна чистота. Во оваа ставка, секако законска, главниот проблем се јавува што на јавното претпријатие за комунални услуги му се доделуваат 14 милиони денари (!!!!) средства од Буџетот, настрана сметките кои истото ги наплаќа од граѓаните. Фактот дека со толкави средства плус 7 милиони за паркови и зеленило, воопшто не се добива потребниот квалитет (освен во квадратурата на центарот на градот) само го подигнува мислењето дека време е да се прекине монополот во оваа сфера и да се искористат западните искуства за конечно да се приватизира овој сектор што ќе обезбеди подобар квалитет на услугите.
Областите и надлежностите кои треба да се менаџираат со влезот во втората фаза на децентрализација се предизвици во непознато. Од нив на приходна страна треба да се влеат во форма на дотации повеќе од 350 милиони денари што е повеќе од 35 % од вкупниот Буџет . Конструкциите се најмногу токму на база на распределбата на наменските дотации кои ќе го обезбедат функционирањето на тие сектори. Затоа ,коректно ,ќе го почекаме барем првото полугодие за да се впуштиме во анализа на способноста на локалната за менаџирање на новите надлежности.
Две цели има оваа колумна. Првата е пред граѓаните да се отворат главните поенти на Буџетот за тие да се запознаат со него. Буџетот 2012 по сите параметри е промашен, демотивирачки, безнадежен. Ако вака не се напише, граѓаните нема да успеат да ни да го видат Буџетот затоа што од седниците на Советот на Општина се пренесуваат премалку извештаи за дискусиите, политиките, ставовите, иницијативите и видувањата на советниците и 99% од дискусиите останале непласирани пред јавноста т.е станале лет во празно. Сметам дека целта на седниците се интересите на граѓаните и за градот, а не меѓусебните надмудрувања и говори во Советот, самите едни на други. Затоа, ова е само мој мал обид за придонес кон транспарентноста за она што всушност ни се случува. Секако за ова ќе расправаме и на 27-ми во Советот.
Втората цел е Новата Година. Во оваа што измина Охрид, за жал, продолжи да паѓа. Падна нокаутиран од бокс машините пред споменикот на Патронот и згазен од говорот. Охрид се повеќе ни е изложен на потсмев. Станавме виц, станавме не стендап, туку нокаут комедија. Се крие ли тука, токму во тој факт причината за некритичноста, арогантноста, незаинтересираноста, неработењето, безидејноста ,неинвентивноста на локалната самоуправа. Се крие ли меѓу другото и во тој факт причината за речиси сигурното уште подлабокото паѓање на Охрид во 2012 година кое може да се надзре и низ проекцијата на безидејниот и безразвоен Буџет за 2012 година. Последниот целосен на оваа поставка на локалната самоуправа.
П.С .Во 2012 ќе ги дознаеме и кандидатите кои ќе сакаат да седнат во првата фотеља во Општината. Кои и да бидат нека знаат отсега : не се работи за едната фотеља туку за целиот тим за промени. Не се работи за желбата туку за капацитетот. Не се работи за самогордост и позиција туку за работа и посветеност. И на крај не се работи за личен интерес-за ОХРИД е !
Дејан Пановски
Член на Советот на Општина Охрид
* Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.