Хиперпигментациите се потемнети делови на кожата со различна големина и форма поставени во нејзино ниво, со нијанси од светло кафеави до темно кафеави кон црни. Tие настануваат поради прекумерно производство на меланин – пигмент кој дава природна боја на нашата коса, кожа и очи. Присутни се во секоја возраст, а многу почесто кај женската популација.
Вообичаено се работи за безопасен – единствено естетски проблем на кожата, но во ретки случаеви и како резултат на реакција на организмот на други проблеми и заболувања. Генетската предиспозиција (пререактивен меланин) е уште една причина за зголемена појава на флеки на кожата.
Најчести причини кои водат до зголемена продукција на меланин.
Изложувањето на сончеви зраци е главна причина, бидејќи токму сончевата светлина го поттикнува создавањето на меланин. Имено, меланинот делува како природен филтер на нашата кожа, штитејќи не од штетните UV зраци, поради што потемнуваме. Со прекумерното изложување на сончевите зраци, овој процес се пореметува и доаѓа до појава на хиперпигментации. Со понатамошно изложување на сонце доаѓа до нивно потенцирање и појава на старечки пеги, мелазма и потенцирање на поствоспалителните хиперпигментации.
Ограничување на времето поминато на сонце, носење на соодветна, лесна и светла облека која ќе не заштити од сончевите зрави и користење на креми со широк спектар и висок заштитен фактор, превенираат од појава на хиперпигментации и влошување на веќе постоечките.
Хормонските влијанија се основен фактор за одредени хиперпигментации, наречени хлоазма или мелазма. Женските хормонски фактори прогестерон и естроген се потикнувачи на продукција на меланин, особено кај кожа изложена на сонце. За време на бременоста oвие хормони се значително потенцирани со што голем е процентот на појава на хлоазма за време на бременоста наречена „трудничка маска“, особено кај лица со потемен тен.
Одредени автоимуни болести, метаболни промени, гастроинтестинални заболувања и недостаток на витамини, би можеле да резултираат со појава на хиперпигментации. Исто така и одредени лекови од групата на антиепилептици, антималарици, некои антибиотици, хемотераписки лекови и хормонски третмани имаат несакан ефект и можат да доведат со појава на хиперпигментации на кожата.
Третмани со бои, како што e боењето со кана, тетовирање, исто така може да предизвикаат реакција при изложеност на сонце (фотоконтактен дерматит) и да доведат до појава на флеки на кожата.
Одредени професии се потенцијално ризични во однос на појава на хиперпигментации, особено поради изложеноста на сончево влијание и изложеноста на хемикалии.
Постинфламаторните хиперпигментации (флеки на кожата после воспалителни реакции), се појавуваат после повреди и воспаленија на кожата – изгореници, посекотини, акни , псоријаза, екцеми.
Дерматолошки третмани
Имајќи предвид дека хиперпигменмтациите се разликуваат по своето потекло, морфологија и хистолошка структура, пред да се третираат се советува задолжителна консултација со дерматолог. Тоа е потребно за да се одреди најсоодветниот третман.
Најчести опции на решавање на овој проблем, ако се исклучат ризик факторите се:
Хемиски пилинзи – нанесување на кисел раствор на кожата која е покриена со хиперпигментации, води до отстранување на површинските слоеви на кожата и последователна регенерација на истата.
Ласерски третман – има сличен ефект како предходниот третман, но со многу поголема прецизност, поради контролата што ја има дерматологот на интензитетот при работа. Тоа подразбира работа со високоенергетска светлина која може да делува на различни делови од структурата на кожата (од површинскиот до најдлабокиот слој ). Ласер со ваква можност е CO2 фракционалниот ласер.
Други опции за третман на хиперпигментации – флеки на кожата се најразлични препарати/креми кои можат да ги ублажат последиците, како и препарати кои превенираат повторување на истите. Најчести состојки во овие препарати кои деуваат на намалување на производството на меланин се: хидрохинонот, арбутинот, којичната киселина, дериватите на витминот Ц, азелаичната киселина и од поновите состојки „Butil resorcinol“.
Без разлика кој третман ќе биде применет за решавање на флеките на вашата кожа, задолжително користете креми со широк спектар и висок заштитен фактор со цел спречување на понатамошни хиперпигментации.
Текстот е преземен од магазинот за здравје и современ живот „Наше Здравје“