Хидролошката состојбата на целата територија на земјата е стабилна, информираат од Координативното тело за превенција од природните непогоди, кое утрово одржа состанок на кој биле разгледани информациите за хидролошката состојба, состојбата на патиштата, водостоите и водотеците во државава.

Водотеците во западните делови на Република Македонија, пред се во сливот на реката Црн Дрим и во охридско-преспансиот регион се уште имаат тренд на опаѓање на водостојот. Водостојот на Охридско Езеро бележи стагнација и во однос на вчерашниот ден нема промени во нивото.

Денес во посета на охридско-струшкиот регион со цел увид во активностите на лице место е директорот на Центарот за управување со кризи, Панде Лазаревски.

Во текот на денешниот ден продолжуваат активностите за чистење и уредување на речните корита на водотеците Коселска река, Сатеска река и Мал Дрим во општина Охрид кои ги спроведуваат екипите на Дирекцијата за заштита и спасување.

Одроните на патниот правец Маврово – Дебар беа расчистени уште во текот на вчерашниот ден и овој патен правец е прооден за сообраќај по двете коловозни ленти.

Според Управата за хидрометеоролошки работи, во текот на денешниот ден времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и услови за слаби локални врнежи од дожд во северните делови од земјата. За попладне се предвидува намалување на облачноста и престанување на врнежите. За утре се прогнозира сончево време со умерена облачност.

OhridNews