Јавната научна установа идробиолошки завод – Охрид, во врска со јавната дебата и реакциите поврзани со Студенчишко блато, се огласи со соопштение, во кое се посочува дека институцијата има јасно изграден став, донесен на седница на советот на установата, како и дека истиот е проследен до надлежните институции и изготвувачот на ГУП за град Охрид.

„Ставот на ЈНУ Хидробиолошки завод околу Студенчишкото Блато е даден и многу порано, а беше потврден и на Седницата на Советот на ЈНУ Хидробиолошки завод одржана на 28.11.2014 година на барањето за мислење по однос на измените и дополнувањата на Генералниот урбанистички план за Охрид, доставено од друштвото за просторно и урбанистичко планирање ПОЛОГ ПРОЕКТ – ПРО ДОО, од Гостивар.

Во даденото стручно мислење од страна на Советот на ЈНУ Хидробиолошки завод (кој е составен од 6 доктори на науки) беше истакнато дека треба да се обрне внимание на строга заштита на Студенчишкото Блато кое е природен резерват на ендемични растителни и животински видови и плодишта за многу видови ципринидни риби. На крај беше напоменато дека на овој локалитет треба да се избегнуваат секаков вид на градежни активности.
Хидробиолошки завод секогаш стои во заштита на животната средина и во заштита на Охридското Езеро како непроценливо богатство, па затоа ставање на девалвирачки епитети на нашиот Институт и на стручните лица кои работат во него е крајно недолично.“ – се вели во соопштението на Советот на ЈНУ Хидробиолошки завод, потпишано од претседателот на советот и директорот на установата Проф. д-р Сашо Трајановски Проф. д-р Сузана Патчева.

OhridNews