Десеттина еколошки свесни граѓани на Охрид, вљубеници во природата, слободното време ова неделно попладне го поминаа расчистувајќи го натрупаниот смет на се уште неизградената Источна трансферзала во месноста Бејбунар. Мала иницијатива на социјалните мрежи и многу добра волја, беа доволни овие „урбани херои“ да направат уште едно добро дело во интерес на заедницата.
Тука според најавите од пред речиси една деценија требаше да поминува современа улица која значително треба да го растовари сообраќајот во летниот туристички шпиц. Улицата доби и име „Јордан Мијалков“, во чест на поранешниот министер за внатрешни работи во експертската влада по осамостојувањето на земјата. Но наместо модерно сообраќајно решение овој простор долги години е дива депонија каде се напластени тони најразличен отпад. Дел од отпадот беше отстранет во денешната акција на „ЕКО ФАП“ и „Екко Охрид”. За половина час граѓаните волонтери го наполнија ЕКО ФАП-от со покуќнина, градежен отпад, амбалажа и што ли уште не.
За жал ваква слика има на многу локации во околината на градот што е потврда за ниското ниво на еколошката свест кај нас. Покренавме една иницијатива која што сакаме да ја туркаме, да добиеме што повеќе приврзаници и да исчистиме што повеќе можеме. Но и тоа нема да биде ништо ако ова не влијае на оние кои што имаат намера својот градежен шут и друг отпад не го фрлаат на соодветно место туку го фрлаат каде што ќе најдат. – изјави Горан Устијаноски, иницијатор на еколошкото движење „ЕКО ФАП“.
Устијаноски ги повика охриѓани да се придружат на еколошката иницијатива, а сопствениците на големите компании и бизнисмени да формираат слични здруженија со цел што повеќе и што побрзо се расчистат големиот број диви депонии, за кои, како што рече, вината не треба да се бара во јавното комунално претпријатие, туку кај граѓаните кои неретко покажуваат примитивно ниво на свест.
Иницијативата „ЕКО ФАП“ оваа пролет расчисти дузина диви депонии во Охрид и околината и претставува позитивен пример за почит.
Г.М.
Фото: А. Момироска