Рој мисли, а пред мене бел лист и наплив од зборови, реченици! Чинам се наоѓам во лавиринт од животов низ кој сеуште во себе го носам херојството. Во што се состои тоа – Херој?
Во начин на комуникација, издржливост, трпение во одредени моменти кои некои други ги предизвикале. Тогаш сакам да не сум токму ЈАС таа, но ете херојство е и тогаш кога треба да се опстане, да се соочите со солзи кои не успеваат да протечат, бидејќи се тоа е неочекувано, изненадно без причина. Ете токму за такво херојство пишувам. Непријателот ве бомбардира со вербален говор, гордо, пркосно, истовремено воопшто не чувствувајќи грижа на совест. Тогаш, во тој миг се издигате како Феникс од пепелта и продолжувате!
Времето тече, денот се менува со ноќта, годишните времиња последователно се менуваат и часовникот се менува…
Дали херојот во мене и во Вас, ќе успее во овој бој наречен живот, зависи од Вашата личност! Доколку сакате да не потклекнете, ќе соберете храброст и ќе го прескокнете каменот на сопнување.
Болката во бојот е дотолку поголема, кога е во прашање здравствен проблем. Ќе посочам настан од пред две децении. Се наоѓам во болница, чекајќи оперативен зафат. Сестрата ми вели: Оди си, жено, зарем не гледаш косата ти остана на перница! Не, не си отидов! Еве, минаа дваесет и три години. Жива сум, постојам, чекорам храбро сеуште!
Човечки живот, мој или Ваш, желба да продолжиме да живееме, за себе, за нашите најмили, за сите луѓе кои Ве познаваат, а пред се Ве почитуваат!
Снежана Атанасоска
Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите