Агенцијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА, апелира до кандидатите за пратеници и до сите чинители кои се влучени во изборните кампањи да користат јасни недвосмислени пораки и точни информации кога станува збор за сеопфатното сексуално образование (ССО).

Сеопфатното сексуално образование ги вклучува сите културолошки, психо-социјални и емоционални аспекти на сексуалноста, вклучително и задоволството и сексуалната различност, кои претставуваат основа за развојот на една здрава и толерантна млада личност. Преку него младите се запознаваат со темите како род, врски и односи, тело и слика за телото, сексуално и репродуктивно здравје (ХИВ, сексуално преносливи инфекции, контрацепција), сексуалност и сексуално однесување, насилство и граѓански аспекти. – велат од ХЕРА.

Од ХЕРА предупредуваат дека испраќањето погрешни пораки од носители и кандидати на јавни функции може да има сериозни последици, додавајќи дека кога во прашање се едукацијата и квалитетното образование, младите имаат право да бидат навремено и правилно информирани.

Имањето погрешни информации е подеднакво опасно како и немањето информации. Оттука, праќањето на нејасни пораки за ССО, особено од страна на носители и кандидати за јавни функции, создава конфузија и ги поткрепува – наместо да ги поткопува – митовите, стереотипите и предрасудите за сензитивните теми што тоа ги опфаќа. Имајќи ја предвид важноста на сеопфатното сексуално образование, но и одговорноста и обврските што произлегуваат од секој јавно кажан збор, го поздравуваме обидот да се актуелизира ССО како тема во јавноста, но апелираме до сите носители и кандидати за јавни функции своите ставови и мислења да ги засноваат на научно докажани факти и сознанија и да консултираат стручна и релеватна литература, како и граѓански организации кои долго време работат на оваа тема. – истакнуваат од ХЕРА.

ХЕРА смета дека само со испраќање точни и прецизни пораки во врска со сеопфатното сексуално обрзование ќе можеме да ги подготвиме и оспособиме младите луѓе со информации, вештини и позитивни вредности за да можат да преземат одговорност за сопственото, но и за туѓото здравје и благосостојба и да направат подобар избор кој ќе им го подобри квалитетот на живеење и ќе придонесе кон подобро и поправедно општество.

OhridNews