Американецот Ричард Хендрикс е еден од 15-те македонски кошаркарски репрезентативци кои во Охрид се подготвуваат за престојните квалификации за Евробаскетот. Хендрикс покрај Охридското езеро во опуштена атмосфера ги полнеше батериите за предизвиците кои го очекуваат во „црвено жолтиот“ дрес.
– Охрид е одличен град. Иако го немам прошетано цел, но тоа што го видов од овие неколку денови донесов таков заклучок. Условите, а пред се климата се идеални за подготовки. Многу ме потсетува на местата на кои сум одел како малечок што ми е посебно драго – потенцираше натурализираниот Македонец.
Тој во Охрид под палката на селекторот Александар Џикиќ ќе мора што подобро да се запозне и воигра со останатите репрезентативци.
– Тука покрај подготовките ќе мора и што подобро да се запознаеме и здружиме меѓу нас. Тимската хемија е една од најважните алки во спортот затоа секогаш се трудам да бидам позитивен. Не очекуваат пријателски натпревари на кои ќе ги запознаам и кошаркарските квалитетите на моите соиграчи – додаде Американецот.
Македонската кошаркаска репрезентација во Охрид ќе одигра три контролни натпревари и тоа против Романија (16 јули), Грузија (17 јули) и Австрија (18 јули).
Мх.П.