Еден хеликоптер на Воздухопловниот ВИНГ попладнево се вклучи во гаснењето на пожарот на планината “Галичица” кој е активен на непристапен потег. Според најавите во текот на утрешниот ден ќе се делува со две летала од воздух. Oд утре 06.09.2021 година од 6 часот ќе биде испратена екипа од 40 лица, кои ќе заминат на терен со цел да се спречи понатамошно ширење на пожарот. Екипата ќе делува на потегот каде што нема остатоци од неексплодирани гранати.
Ваквите одлуки за делување на терен беа донесени по одржаниот состанокот на кризниот штаб по барање на градоначалникот Константин Георгиески на кој присуствуваа претставници на Центарот за управување со кризи, НП„Галичица“, Дирекција за заштита и спасување, Територијалната противпожарна единица од Охрид и СВР Охрид.
Со промена на ветрот пожарот се прошири према подолните падини и западниот дел на планината Галичица, од преку 2200 метри надморска височина, се спушти на 1600 метри, со што се создадоа услови да може да се делува со воздухоплови. Ангажирани се хеликоптери, кои веќе се на пат и во попладневните часови ќе се врши гасење на пожарот од воздух, истакна Георгиески по состанокот.
До ЦУК беше поднесено барање за ангажирање на хеликоптер уште на 30 август за гасење на пожарот. На 1 септември беше пратено и второ барање, но немаше услови за ангажирање на хеликоптер поради постоење на многу неексплодирани мини од Првата светска војна, додаде Георгиески.
На состанокот се донесе и заклучок утре во раните урински часови да се делува со човечка сила со околу 40 луѓе кои ќе се на терен и паралелно ќе се делува и со гасење на пожарот од воздух, додаде Георгиески.
Екипата ќе биде составена од претставници на Центарот за управување со кризи, НП„Галичица“, Дирекција за заштита и спасување, Територијалната противпожарна единица од Охрид и Службата за спасување на планина од охридскиот Црвен крст. Се разгледува можноста да бидар вклучени и доброволци, доколку е тоа потребно.
Се надеваме дека во наредните ден, два пожарот ќе биде локализиран истакна Георгиески додавaјќи дека истиот е далеку од населени места.
Н..С.Ј.