Хрватската изборна комисија денес соопшти дека после преброени 99 проценти од избирачките мести, на парламентарните избори во Хрватска кои се одржаа вчера, победник е коалицијата предводена од Хрватската демократска заедница (ХДЗ) со освоени 59 мандати, додека досега владејачката Социјалдемократска партија (СДП) е втора со освоени 53 мандати, а трета пак е независната листа МОСТ со 19 мандати, пренесуваат хрватските медиуми.

Лидерот на ХДЗ, Томислав Карамарко вчеравечер порача дека „Татковинската коалиција“ е победник на парламентарните избори во земјата и дека две третини од граѓаните гласале за промени. Карамарко повикал на единство кај оние кои сакаат да ја променат состојбата во Хрватска.

„Сега имаме борба за зголемување на квалитетот на животот“, изјавил Карамарко, додавајќи дека ќе се бори за секое работно место и за оние кои сакаат и мислат да ја напуштат Хрватска.

„Славете бидејќи победивме! Три и пол години и имаме победа по победа. Две третини од граѓаните се одлучија за промени и апсурдно е тие да бараат нов мандат. Не знаев дека 53 е поголемо од 61, а ви гарантирам дека оваа разлика ќе се зголеми. Кој и да е подготвен да се бори со нас за подобрување на животот, е добредојден. Тоа нема врска со коалицијата. Ќе се бориме за секое работно место, за секое необработено поле, нема да допуштиме младите да ја напуштат земјата. Нема да дозволиме да не снема како народ. Отворени сме за соработка со сите, без оглед на сите разлики“, рекол шефот на ХДЗ.

Хрватскиот премиер и лидер на СДП, Зоран Милановиќ, пак, порачал дека Хрватска на изборите одлучила дека нема враќање кон старото и ги повикал сите кои сакаат реформи, да му се придружат.

„Хрватска одлучи дека нема враќање кон старото. Во кој правец, во која насока одиме, ќе видиме. Четири години спроведувавме реформи, покажавме дека сме високоорганизирана држава. Го повикувам сите они кои сакаат реформи, кои Хрватска паметно, организирано и интелигентно ќе го води, да ни се придружат“, рекол Милановиќ, додавајќи дека не поставува услови.

„Сега гледаме дека се појави политичка сила која сака реформи и ги повикувам тоа да го направиме заедно“, рекол Милановиќ.

Божо Петров, лидерот на партијата МОСТ, пак, која постигна изненадувачки успех на парламентарните избори, порачал дека тие сега треба да бидат подготвени на жртви без калкулации и заедно да градат подобра Хрватска.

„Немаме време за калкулации, тоа истече вчера. Неминовно е дека ќе постојат ситуации кога поради структурните промени некаде ќе биде потребно да се донесат болни одлуки кои ќе влијаат врз пријателите или татковината, но доколку тие не се направат, тогаш сите ќе бидат долгорочно оштетени поради тоа што нема да живејат во уредена држава. Денес имаме единствена прилика за тоа. Тоа го очекувам највеќе од луѓето кои пристапија во МОСТ. Не смее да ги издадеме надежите и очекувањата“, порачал Петров.

OhridNews

извор Макфакс