Турскиот фудбалски прволигаш Хатајспор се повлече од националната Супер лига и оваа сезона веќе нема да игра натпревари, по катастрофалниот земјотрес што во понеделникот ги погоди југоистокот на Турција и северниот дел на Сирија.

Бројот на загинати во двете земји надмина 21.000, а меѓу најпогодените е Антакија, главниот град на турската провинција Хатај.

Хатајспор испрати писмо со кое нè известија дека нема да играат овосезонски натпревари, изјави денеска претседателот на Унијата на турските прволигашки клубови Али Коч на прес-конференција заедно со претседателот на Фудбалската федерација на Турција, Мехмет Бујукекши.

Доколку и Газиантеп сака да се повлече од лигата, планираме да продолжиме со 17 екипи, под услов правата на овие два клуба да останат недопрени, наведе Коч, додавајќи оти Газиантеп допрва треба да донесе одлука.

Крилниот напаѓач на Хатајспор и репрезентативец на Гана, Кристијан Атсу, како и спортскиот директор на клубот Танер Савут сè уште се водат за исчезнати.

OhridNews