Иако има 73 години, Харисон Форд не се откажува од снимањето акциони филмови, и доколку може да му се верува на Стивен Спилберг, не е престар ниту за да ја репризира улогата на Индијана Џонс. Спилберг на доделувањето на наградите на британската академија му порача на Форд дека едвај чека повторно да работи со него на филмот „Индијана Џонс 5“, додавајќи дека со тоа не најавува ново продолжение, туку ја искажува својата силна желба.
Обожавателите на легендарниот актер со нетрпение ја исчекуваат премиерата на дилмот „Војна на ѕвездите – Епизода VII: Будење на силата“, каде повторно ќе го глуми Хан Сол. Можеби Спилберг се огради од снимањето на нови авантури со Индијана Џонс, но сакал или не поттикна бројни гласини меѓу обожавателите на филмскиот серијал. На сајтот на IMDB веќе постои страница за филмот „Индијана Џонс 5“, на која пишува дека се шушка како токму Форд ќе ја игра главната улога. Покрај тоа, тој ќе глуми и во осмата епизода од „Војна на ѕвездите“, која во кината би требало да се појави во 2017 година.