Американскиот актер Харисон Форд заврши во болница откако се повреди во текот на снимањето на новото продолжение на култниот серијал „Војна на ѕвездите“.

Форд во текот на снимањето во студиото „Pinewood Studios“, сместено во предградие на британската престолнина Лондон, го повредил глуждот по што морал да биде пренесен во болницата „John Radcliffe“во Оксфорд.

 

Портпаролката на компанијата „ Disney“ Ванеса Дејвис за медиумите изјави дека оваа повреда не би требало да влијае врз роковите предвидени за снимањето. Во овој филм  кој се снима под наслов „ Star Wars: Episode VII“, 71-годишниот Харисон Форд повторно ќе го толкува ликот на Хан Соло. Во филмот ќе се појави и добар дел од оригиналната актерска екипа, како Кери Фишер и Марк Хамил, како и добитничката на Оскарот за „Дванаесет години ропство“ Лупита Нионг’о, Гвендолајн Кристи, Едни Серкис и Макс дон Сидов.
 

„Се појавија информации дека Форд добил удар во градите, но тоа не е вистина. Го повреди глуждот“, изјави Дејвис.
 

Од „The Walt Disney Company” и „Lucasfilm Limited” потврдија дека дејствието во новиот филм се одвива 30 години по настаните кои се случуваа во продолжението „Враќање на џедајот” (Star Wars: Episode VI – Return of the Jedi) од 1983 година. Почетниот филм од новата трилогија ќе го режира Џеј Џеј Абрамс, а во кината треба да започне да се прикажува од 18-ти декември 2015 година.

 

 Ohridnews

извор:”Макфакс“