Многу не сериозно на последната седницата на  Здружението на прволигашките екипи одржана во просториите на Кошаркарската Федерација на Македонија беше одлучено стартот на Првата македонска кошаркарска лига во машка конкуренција да биде одложен за 7 дена. 

Причина за оваа одлука е задоцнетото плаќање на партиципацијата за учество во Првата лига на Маврово. Имено, Гостиварци требаше да ја уплатат втората рата од 5.000 евра за учество до почетокот на првенството. Но, претставниците на овој клуб на Седницата изјавија дека уплатиле само 2.000 евра. 

Поради ова Здружението одлучи на Маврово да му даде рок во 5 октомври (петок) во 12 часот да ги плати преостанатите 3.000 евра. Доколку клубот од Гостивар ги подмири обврските во предвидениот рок, што беше ветено од страна на претставниците на клубот, тогаш шампионатот ќе стартува според предвидениот распоред, но една недела подоцна.

Во спротивно, Маврово нема да може сезонава да игра во Првата лига, која би имала само 8 екипи. Ваквиот развој на настаните предвидува нова ждрепја, која е закажана за 6 октомври (сабота) во 12 часот во Битола.

Покрај тоа, се зборуваше и околу затоплувањето на салите во зимските месеци. И покрај проблемите, со кои се соочуваат неколку прволигашки екипи (шампионот Струмица, Свисслион Пелистер, Карпош Соколи 2000 и Маврово), беше одлучено да не се прави нов распоред, во кој би имало поголема зимска пауза. Прволигашите одлучија минималната температура во салата, кој би била услов за одигрување на еден натпревар, да изнесува 10 степени целзиусови, со толеранција до 8 степени.

М.Постолоски