Еврокомесарот за соседска политика и пристапни преговори, Јоханес Хан по посетата на Македонија порача дека сите политички лидери во земјата мора да соработуваат за да го надминат моменталниот ќорсокак кој не придонесува за реформските напори кои се прават, се неведува во соопштението од Европската комисија .
„Во неговите дискусии со претседателот Иванов, премиерот Груевски, министерот за надворешни работи Попоски и лидерот на СДСМ Заев, тој ја изрази сериозната загриженост на Европската унија за моментлната политичка состојба и им порача на сите политички актери да започнат конструктивен дијалог во рамките на Парламентот, фокусирајќи се на стратешките приоритети на земјата и нејзините граѓани“, стои во соопшението од ЕК.
„Еврокомесарот Хан потенцира дека владеењето на правото, фундаменталните права и слободата на медиумите се во срцето на процесот на европската интеграција, и за овие работи не смее да се преговара. Тој изрази и длабока загриженост поради наводното прислушување на илјадници граѓани и повика на темелна истрага, со целосно почитување на принципите на непристрасност, пресумпција на невиност, транспарентност, поделба на власта и независност на судството. Исто така тој изрази целосна поддршка за слободата на медиумите во поглед на прашањата од јавен интерес“, порачуваат од ЕК.
Оттаму додаваат дека во рамки на дискусиите со вицепремиерот за евроинтеграции Бесими, главниот фокус бил ставен на клучните реформи, вклучувајќи ги и тие за Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), како и за претходната и идната помош од ЕУ. Хан оствари средба и со лидерот на ДУИ Али Ахмети и со претставници на граѓанското општество.