Европската комисија (ЕК) и членките на Европската унија (ЕУ) постојано ја изразуваат својата загриженост за состојбата во Македонија, а на 21 април Советот усвои заклучоци со кои се испрати силна порака до политичките лидери во земјата, изјавил еврокомесарот за соседска политика и пристапни преговори Јоханес Хан во интервју за порталот EWB, пренесува „Макфакс“.
„Советот заклучи дека сите страни мора да продолжат со своите обврски и веднаш да преземат мерки за изнаоѓање на одржливо решение. Исто така, се заклучи дека сите наводи треба да бидат истражени од релевантни институции, вклучително и оние наводи за потенцијален престап кои излегоа во јавноста, со почитување на процесот, принципот на независност и презумпцијата на невиност“, вели Хан .
Еврокомесарот додал дека тие како ЕК ја поттикнале владата, но и опозицијата за да почнат со решавање на проблемите и да почнат со соработка.
„Во овој контекст, ги забележавме неодамнешните оставки од владата и државните институции како конкретни чекори кон преземање политичка одговорност. Се надеваме дека овој развој ќе придонесе за враќање на вербата во државните институции. Ги повикуваме сите страни сериозно да се заземат за конструктивен дијалог за да се стави крај на долготрајната политичка криза. Неодамна поминав неколку часа во дискусија за можни решенија со двете страни во Стразбур на меѓупартиските разговори олеснети од членови на Европскиот парламент. Исто така, ние очекуваме функционерите и политичките партии да направат се за да се избегне зголемување на партиски и меѓуетнички тензии“, заклучил Хан, кој во вторникот по маратонските преговори со четворицата лидери Груевски, Заев, Ахмети и Тачи соопшти дека страните постигнале согласност за одржување на предвремени парламентарни избори до крајот на април следната година.
OhridNews
извор:„Макфакс“