Еврокомесарот за соседска политика и пристапни преговори, Јоханес Хан, денеска од Вашингтон порача дека Европа има морална обврска да ја обезбеди европската перспектива на Македонија, во интерес на стабилноста на регионот, поради што ќе бидат разгледани две поглавја од пристапните преговори со ЕУ, јавува „Макфакс“.
Говорејќи во Атланскиот совет во Вашингтон, еврокомесарот Хан потенцираше дека доколку политичката криза не биде разрешена, Македонија може да ја загуби препораката за отворањето на пристапните преговори за членство во ЕУ, која во континуитет ја добива од 2009-та година, пренесува МИА.
На договорот кој беше потпишан во вторникот, за кој Хан рече дека САД и Европската унија се во ролја на сведоци, му претходела дискусија меѓу власта и опозицијата за терминот за одржување на предвремните избори, при што имало барања тие да бидат одржани и поскоро. Пред да се извршат изборите, појаснил Хан, треба да се модифицира изборниот законик и да се разгледа избирачкиот список, притоа додавајќи дека и последните избори во 2014 година, како и претходните избори, добивале генерално позитивен извештај.
„Значи, овој договор беше потпишан од претставниците на четирите најголеми партии во земјата и сведоци беа амбасадорот на Европската унија и на САД, кои ни се приклучија при крајот и беше корисно што беа таму. Целосно сум свесен за ситуацијата во земјата и имаше дискусии меѓу опозицијата и Владата кога е најпогодното време за нови избори, бидејќи е неопходна подготовка. Постојат некои несовршености што треба да се завршат, да се модифицира изборниот законик, да се разгледа избирачкиот список и некои други елементи. Од друга страна, морам да кажам дека последните избори, како и неколку претходно во земјата и во регионот, беа набљудувани од ОБСЕ и имаше генерално позитивен извештај, во кој беа наведени некои неправилности, но генерално беше позитивен извештај за изборите што беа одржани во април минатата година”, изјавил Хан.
Еврокомесарот во своето обраќање во Вашингтон, исто така, побарал од опозициската партија СДСМ да се врати во Собранието, за да се испитаат обвинувањата од аферата „Пуч“ и нелегално снимените разговори кои беа објавени, пренесува МРТВ.
„Има голем скандал што никој не може да го игнорира. Има 22 илјади снимки. Да не зборувам за содржината, што е нешто сосема друго. Ние сме на мислење дека треба да има двонасочно реакција на ова. Една е политичката, и затоа бараме опозицијата да се врати во парламентот, и да се справи со ова прашање на вообичаен политички начин преку дебата во парламентот, да има истражни комисии и така натаму. Но, ова, исто така, е криминален случај, и тој со него треба да се справи на врз основа на меѓународните и европските стандарди. Затоа понудивме, и ова исто така беше прифатено од партнерите, за меѓународни експерти коишто се справуваат со вакви прашања. И сите страни се согласија да ги прифатат и спроведат сите препораки дадени од Европската комисија особено кога станува збор за владеењето на правото и независноста на судството. И за да се анализира, но и да се спроведе ова, потребно ни е време и затоа се согласивме за избори во пролет идната година, иако некои сакаа да има избори порано”, изјавил Хан.
Хан додал и дека политичката криза во Македонија делумно се должи на попречувањето на македонските евро-атлански интеграции, поради што Европа сега има и морална обврска да ги исполни ветувањата, и поради што ќе се разгледаат подрачјата 23 и 24 од пристапните преговори.
„Во 2005-та година поранешната југословенска Република Македонија доби кандидатски статус како за земја можна членка на ЕУ, а во 2008 година ветување за приклучување кон НАТО. Двете работи не се случија и сега се гледаат последиците. Тоа сега е неопходно и тоа е причината зошто јас се вклучив како морална обврска, но исто така и бидејќи не се работи само за земјата, туку и за регионот. Не треба да се потценуваат политичките последици доколку оваа земја не функционира со оглед на етничките тензии и елементи. Затоа имаме голем интерес да го решиме ова. За да се одржи барем европската перспектива, земјата треба да се справи со домашните несовршености и проблеми. Сега имаме многу сериозна внатрешна криза и се надевам со договорот од минатиот вторник направивме огромен чекор напред. Затоа што им понудивме, ако сакате морков, но истовремено и стап, да ги разгледаме подрачјата во земјата од фундаментално значење како веќе да имаме започнати преговори со нив. Во Европската унија имаме поглавја 23 и 24, по кои преговараме со идните можни земји членки. Овие две поглавја се однесуваат на владеењето на правото, слободата на медиумите, независноста на судството и така натаму. Ние ќе ја примениме оваа методологија и истовремено ќе ги подготвуваме новите избори како што се договоривме, за да има фер, транспаретни и разумни избори. Се надевам дека ова ќе придонесе за да се стабилизира земјата и ќе ја врати на европската и евроатланската перспектива”, заклучил Хан.
OhridNews
извор:„Макфакс“