Предвремени парламентарни избори се договорени за до април следната година, изјави Еврокомесарот за соседска политика и пристапни преговори, Јоханес Хан во денеска по повеќечасовните разговори во резиденцијата на Делегацијата на ЕУ во Скопје.
Како што пренесе репортерот на Макфакс, Хан во присуство на четворицата политички лидер рече дека е договорено следната седмица во ист формат да се одржи средба во Брисел, на којашто ќе се прецизира кои ќе бидат следните чекори за излегувањето од политичката криза.
Во овој, како што го нарече Хан, транзициски период, договорено е да се направат измени во изборниот законик и да се прочисти избирачкиот список.
„Имавме многу интензивни и конструктивни преговори со партиските лидери кои се околу мене, премиерот Груевски, Заев, претставниците на албанските партии Ахмети и Тачи. Уште еднаш се заложивме за евроатланските перспективи на земјата и дека е важно да се надмине оваа тешка ситуација од политичката криза со цел да се зачува европската перспектива“, рече Хан.
Еврокомесарот изрази задоволство од соработката на сите лидери на политичките партии, од коишто добил уверување дека нивните политики се насочени кон евроатлантските интеграции.
„Мора да работиме во вашата земја во духот на соработката на потребниот политички компромис со цел да се постигне потребниот баланс меѓу различните партии и општествени групи, затоа се договоривме да следи транзициски период, а до крајот на април следната година треба да се одржат предвремени парламентарни избори. Но, потребно е да се подготви земјата, околу подобрувањето на Избирачкиот законик и проверка на избирачкиот список, како и почитувањето на правата на малцинствата. Понатаму ќе треба да се исполнат сите препораки од Европската комисија, кога се работи за независност на судството“, рече Хан.
Додаде дека амбасадорите на Европската Унија, Аиво Орав, и на САД, Џес Бејли, го поддржале денешниот договор.
„Ќе се видиме следната седмица во Брисел, кога ќе постигнеме конечен договор“, додаде Хан.
На разговорите кои започнаа претпладнево околу девет часот присуствува и амбасадорот на ЕУ, Аиво Орав, а доцна попладнето им се придружи и амбасадорот на САД, Џес Бејли. Први на средбата пристигнаа премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и претседателот на СДСМ Зоран Заев, а попладнево им се придружија лидерите на ДУИ Али Ахмети и на ДПА Мендух Тачи.
Премиерот Груевски беше придружуван од шефот на неговиот кабинет Мартин Протуѓер и министрите за надворешни работи и за здравство, Никола Попоски и Никола Тодоров. Заев, пак, дојде со заменик претседателот Радмила Шекеринска и портпаролот Петре Шилегов. Ахмети беше придружуван од пратеникот Артан Груби и министерот за образование Абдилаќим Адеми, а Мендух Тачи кој последен пристигна на средбата со Хан, го придружуваше Луан Треси.
Денешните разговори се продолжение на дијалогот започнат во Стразбур пред три седмици, во кои посредуваа Хан и тројцата европратеници Иво Вајгл, Едуард Кукан и Ричард Ховит. Во меѓувреме во Скопје се одржаа и три лидерски средби на кои не беше постигнат договор за начините за надминување на политичката криза во земајта.
OhridNews
Извор:„Макфакс“