Еврокомесарот Јоханес Хан во интервју за австрискиот весник „Стандард“ зборува за конференцијата за Западен Балкан во Виена, проблемот со бегалците и другите проблеми со кои се соочува регионот, како и односите меѓу балканските држави, пренесува Deutsche Welle. Притоа Хан се осврнува и на македонско-грчкиот спор околу името и улогата на ЕУ:
„Во меѓувреме сите сфатија дека ние сме во извесна мерка соодговорни поради тоа што не се успеа во надминување на ова (разликите во спорот околу името, н.з.) Но, сега пред се‘ Македонците мора да спроведат реформи. Со наше посредство е договорен обемен реформски пакет, кој се надевам дека ќе придонесе за надминување на долгогодишната политичка криза. Спроведувањето на реформскиот пакет е предуслов за воопшто да може да се разговара за евентуален почеток на конретни преговори за приклучување. Паралелно со тоа, да се надеваме, ќе се расчистат небулите во Грција. Ние отвораме и нови гранични премини меѓу Грција и поранешната југословенска Република Македонија. Потребни сме им, затоа што поради спорот околу името тие не можат да склучуваат државни договори. Но има и напредок. Во заклучоците од самитот за Западен Балкан, државите од Балканот потпишаа и дека меѓусебно нема да си поставуваат пречки на патот кон ЕУ. Тоа до пред една година беше незамисливо“, вели Хан.
На прашањето како натаму со Македонија, еврокомесарот одговара:
„Опозицијата наредната недела мора, како што е договорено, да се врати во парламентот. Потоа ќе биде именуван Специјален обвинител. Во врска со тоа, од страна на двете големи партии слушам дека добро се напредува. Ние, ЕУ и меѓународната фамилија, ќе вложиме огромен напор за изборите во април да бидат фер и да минат во согласност со меѓународните стандарди, како и да бидат добро набљудувани.“
Германскиот печат денеска, инаку, е полн со коментари за бегалците, нивните проблеми, улогата на Европа, но и за бизнисот со криумчарење луѓе, кој за организираниот криминал стана еден од најдоходовните.
OhridNews
Извор:Deutsche Welle