Комесарот за преговори за проширување на Европската унија, Јоханес Хан, денеска ќе допатува во Скопје. Најавата за посета следуваше откако Советот на јавни обвинители избра само седум од 14-те предложени кандидати од тимот на специјалната обвинителка Катица Јанева, а СДСМ ги замрзна преговорите, јавува „Макфакс“.

Портпаролот Маја Коцијанчич го потврди неговото доаѓање, пренесе МИА, и рече дека Европската комисија одблиску го следи развојот на настаните во Македонија, а бара четирите политички партии да се држат до распоредот во спроведувањето на точките од договорот.

„Можам да потврдам дека комесарот Хан, идната недела, поточно в понеделник ќе отпатува за Скопје за да се сретне со сите засегнати страни. Брисел ја следи ситуацијата одблиску и уште еднаш ќе повториме дека Европската комисија очекува партиите да се држат до распоредот во имплементирањето на точките од договорот од 2 јуни и15 јули“, рече Коцијанчич.

Партиите веќе ги продолжија преговорите за Изборниот законик, и испратија писма до Советот а јавни обвинители да закаже седница и да ги избере сите останати обвинители од тимот на Јанева, а писмо испратија и до Уставниот суд што побрзо да донесе одлука на поднесената иницијатива со која се оспорува уставноста на специјалното обвинителство.

OhridNews
извор:„Макфакс“