Балканските држави не може да бидат жртви на несогласувњата внатре во ЕУ, изјави пред министерскиот состанок во Брисел европскиот комесар за соседска политика и проширување, Јоханес Хан, пренесува „Макфакс“.
„Важно е сите 28 членки на ЕУ да преземат одговорност и и да не ја префрлаат на други. Тоа е наш проблем. Земјите од Западен Балкан се дел од европскиот континент, но ЕУ пред сè треба да најде внатрешно решение. Се противам на делегирањето на проблемите на другите. Како комесар за соседска политика и проширување се грижам балканските земји да не бидат жртви на нашите тешкотии во ЕУ, бидејќи тие веќе имаат голем товар со приливот на бегалците“, изјавил Хан, пренесува Радио Слободна Европа.
Организацијата за економска соработка и развој во Париз соопшти дека бегалската криза е без преседан и дека најверојатно ќе потрае, но оцени дека Европа има можност и искуство неопходно да се соочи со тоа.
Сериозни критики за политиката на ЕУ пристигнаа и од шефот на француската дипломатија Лорен Фабиус, кој оцени дека миграциска криза го доведува во прашање „функционирањето и смислата за постоење на Европа“.
„Европа има доживувано и други кризи, меѓутоа, сега на извесен начин се доведени во прашање основите на Европската унија и самата смисла на нејзиното постоење и нејзиниот функционирање“, изјави францускиот министер за надворешни работи Лорен Фабиус во интервјуто дадено за неколку тиражни европски дневни весници од франкофонско/романско говорно подрачје – француски Ле Фигаро, швајцарски Ла Трибуне де Геневе, шпанскиот Ел Паису, италијанската Ла Репубблици и белгиски Ле Соиру.
Според него, „илузија претставува пристапот кој се сведува на тоа секоја членка да може да излезе од кризата со воспоставување контрола на границите“.
„Време е искрено да се каже дека Европската унија не може да ја одржува политиката на отворени врати за приемот на сите економски имигранти, и покрај неопходните мерки за солидарноста кон бегалците“, додава Фабиус.
Според него, во спротивно, доколку напливот имигранти остане и натаму неконтролиран, тоа ќе доведе до „хаос, распад на европскиот систем и радикализација на сите процеси во општеството и во умовите на луѓето“. „Тоа ќе има сериозни последици за Европа во секој поглед“, предупредува Фабиус.
„Каков, на пример, може да биде резултатот на британскиот референдум (за членството на Велика Британија во ЕУ), доколку проблемот со бегалците не биде решен, доколку кај народите од ЕУ се создаде чувството дека поефикасно би можеле да се справат со ситуацијата самостојно“, прашува францускиот министер за надворешни работи.
За решавање на кризата, Фабиус смета дека е неопходно „создавање центри за прифаќање и идентификација на мигрантите во земјите во коишто прво влегуваат на територијата на ЕУ, организирање рамномерна нивна редистрибуција на територијата на ЕУ), помагање на трети земји кои се наоѓаат на предната линија на кризата (како Либан, Турција и Јордан), како и активно барање политички и воено решение решение во Сирија“.
„Доколку тоа не биде направено, ризикот од социјална експлозија ќе биде реален и значителен“, заклучува Фабиус.
OhridNews
Извор:„Макфакс“