Поранешниот светски првак во Формула 1, Луис Хамилтон реагираше на однесувањето на дел од навивачите на Австриското ГП. Претходно на социјалните мрежи имаше бројни стории за навреди засновани на сексизам, расизам и хомофобија.

Бев згрозен и разочаран кога дознав дека некои навивачи доживеале расистичко, хомофобично и генерално навредливо однесување на патеката овој викенд. Посетата на Австриското ГП, како и секое Гран при, не треба да стане извор на вознемиреност и болка за навивачите. Мора да се преземат чекори за да се направи тркањето безбеден простор за секого. Ве молиме, доколку го забележите ова, информирајте ја безбедносната служба на Ф-1. Не можеме да седиме мирно и да дозволиме ова да се случува, напиша на социјалните мрежи возачот на Мерцедес.

Покрај Хамилтон, за проблемот се произнесе и Формула 1.

Ние бевме информирани дека некои навивачи беа изложени на апсолутно несоодветни коментари од други навивачи на Големата награда на Австрија. Ние ги сфаќаме овие прашања многу сериозно. Разговаравме на оваа тема со промоторот и ќе разговараме со оние кои ги пријавија инцидентите. Ова однесување е неприфатливо, стои во соопштението на Формула 1.

Трката за Големата награда на Австрија ќе почне во 15 часот, на патеката „Ред Бул ринг“ во Спилберг.

OhridNews