Популарната интернет страница „Хафингтон пост“ деновиве објави 10 причини за да се посети Македонија, во кои се вели дека главни атракции на земјата се прекрасните езерски одморалишта, богатата историја, љубезните жители, но и поволните цени за странските туристи.
-Откако годинава беше наведена како едно од 50-те места кои треба да ги посетите од страна на весникот Њујорк Тајмс, оваа земја со корени кои допираат од времето на Александар Македонски нуди 10 причини зошто треба да ја посетите. Македонија е комбинација на старото и новото, со нови, монументални згради крај брегот на реката Вардар во Скопје, преку која минува историскиот Камен мост, кој ги поврзува модерните трговски центри со преполниот Стар Град, пишува новинарката Шерон Хоуг во „Хафингтон пост“
Интернет страницата посочува дека Македонците се многу љубезни и отворени кон странските туристи, вклучително и Американците, и повеќето зборуваат барем малку англиски, но, исто така, и германски, италијански, албански…
Виното, според „Хафингтон пост“ е уште една причина да се посети Македонија, каде источните делови на земјата забрзано стануваат препознатливи како вински регион. Друга причина е храната која е достапна во евтините улични продавници за брза храна и во поексклузивните ресторани.
За љубителите на природата, Македонија нуди можности за пливање, кајак, скијање, планинарство, спелеологија, риболов, нуркање, параглајдери… Порталот ги повикува читателите да не пропуштат да се качат до Милениумскиот крст на планината Водно.
За можностите за сместување, „Хафингтон пост“ вели дека е лесно да се резервира место во хотел преку интернет и дека има пристојни цени. Како манифестации кои треба да се посетат, наведени се карневалот во Вевчани, Галичката Свадба, прославата на Свети Трифун, Охридскиот маратон, Прилепскиот пивофест, Скопскиот џез фестивал и многу други.
OhridNews