Македонската фудбалска репрезентација ќе игра против Холандија, Шкотска, Норвешка и Исланд во квалификациите за СП 2010 кое ќе се одржи во Јужна Африка.
Тешка и не исплатлива група е првиот впечаток на претседателот на ФФМ, Харалампие Хаџиристески кој беше лидер на македонскиот тим на ждрепката во Дурбан
Добивме тешка група, но мало олеснување е што ќе имаме само четири противници. Конечно имаме шанса да прикажеме добар фудбал и да се бориме барем за второто место кое веројатно ќе води и во баражот за дополнтелен пласман на СП. Од финансиски аспект групата е помалку исплатлива, но тоа паѓа во втор план споредено со желбата да направиме добар резултат во следниот квалификациски циклус, смета Хаџиртистески .
Од друга страна за селекторот Катанец кој се огласи на веб – страницата на ФФМ групата е убава и “лесна“ .
–Групата е убава, „лесна“ и пред се фудбалерите можат да соберат ново дополнително искуство, да напредуваат и секако да направат изненадување. Објективно , Холандија, Шкотска и Норвешка по рејтингот и по се останато се пред Македонија, но тоа би требало позитивно да влијае на фудбалерите бидејќи нивната улога на фаворити овозможува да се игра без оптоварување, вели Катанец.
Позицијата на селекторот Катанец се очекува да се разреши деновиве .
– В среда доаѓам во Скопје и веќе в четврток имам договорено средба со претседателот Хаџиристески. Досега не сме зборувале ништо конретно но ред е да се разговара бидејќи имам официјална понуда од ФФМ. Најпрвин со Хаџиристески да ги проанализираме сите работи кои се случија во овој период од две години, а ги имаше многу и позитивни и негативни, па потоа ќе видиме што ќе се случи – завршува Катанец .
Квалификациите започнуваат следниот август, а на 13 декеври на состанокот во Холандија претставниците на сите репрезентации од 9 група ќе имаат состанок на кој ќе се договара и распоредот на одигрување на средбите.